Дали несовесното и неодговорно однесување на голем дел од граѓаните станува главниот проблем на здравствените власти во битката со справувањето со коронавирусот? Растот на новозаразени е правопропорционален со сѐ поголемиот број граѓани што не ги почитуваат ниту основните мерки за заштита, како носење маски, држење дистанца и зачестено миење на рацете. Доволно е да поминете неколку часа во парк или низ градот за да забележите колку ноншалантно се однесуваат некои од граѓаните, и тоа оние од кои се очекува поголема свест, лица на возраст од 20, па до 50 години.
Истражувањата на јавното мислење покажуваат поразителни резултати токму кога станува збор за односот на луѓето кон колективната свест и одговорност.
Александар Кржаловски од МЦМС вели дека според резултатите од истражувањето, мнозинството граѓани на Македонија се загрижени за ситуацијата со ковид-19 (71 отсто), сметајќи дека и самите ќе се заразат (60 отсто). Сепак, посочува дека 17 отсто од испитаниците воопшто не се загрижени за состојбата, 24 отсто од можноста самите да се заразат, а дури 32 отсто дека можеби и самите го шират вирусот без да знаат (асимптоматски).
– Ако на тоа се додаде и податокот дека 10 отсто воопшто не веруваат дека вирусот постои, тоа го објаснува последниов пораст во бројот на нови случаи на заразата, но укажува и на несоодветноста на очекувањето на Владата сите да ги почитуваат мерките. Граѓаните се многу загрижени и за влијанието на кризата поради ковид-19 врз економската ситуација и очекуваат економска криза со 88 отсто и дека таа долго ќе трае со 66 отсто, вклучувајќи и заради недоволно добрите мерки на Владата (двојно повеќе граѓани се незадоволни од нив, 40 отсто, наспроти 21 отсто), иако се чини дека засега ударот не е толку силен како во други земји (80 отсто сметаат дека работното место не им е во опасност). Мнозинството граѓани или 77 отсто сметаат дека треба побрзо да се отвори економијата, иако самите се доста претпазливи, на пример, кога би почнале повторно да одат во кафулиња и ресторани (само 22-23 отсто би пошле во првиот месец по кризата), или на годишен одмор надвор од земјава (38 отсто веќе не планираат годинава да заминат некаде) – посочува Кржаловски.
Според него, за истакнување е тоа што граѓаните се многу поделени за терминот кога треба да се одржат парламентарните избори (30 отсто се за во лето/јули, додека 27 отсто за на есен/септември), што укажува на потребата од постигнување консензус по ова прашање.
Според истражувањето, големо мнозинство, односно 71,3 отсто од граѓаните се изјасниле дека се загрижени кога размислуваат за моменталната состојба во светот и земјата во однос на новиот коронавирус и кризата поради ковид-19, а мало малцинство или 28,5 отсто рекле дека не се загрижени.
Социологот Илија Ацески вели дека сомнежот кај луѓето се јавува и од информациите во медиумите, каде што се појавуваат разни информации, кои медиумите ги пренесуваат, дали тоа се различни истражувања за вирусот или, пак, различни ставови на одредени експерти.
– Тој вриеж на информации го збунува човекот, но кога сме загрозени сакаме да се одбраниме, бараме психолошка потпора дека тоа не е толку страшно, а одиме и до друга крајност дека ќе се заразиме. Сега е загрозено здравјето на поединецот. Ова го чувствуваме директно, особено повозрасните луѓе. Зашто кога е загрозено здравјето на поединецот има колективна неодговорност. Тоа е главното прашање. Тука здравствените власти мора да преземат сѐ за да се реализираат мерките. Власта мора да санкционира – посочува Ацески.