Младите од целата држава ќе имаат можност да го кажат своето мислење за Законот за младинско учество и младински политики. Утре со почеток во 12 часот во Јавна соба во Скопје ќе се одржи јавна дебата на која ќе се дискутира содржината на предлог текстот, како и потенцијални насоки за подобрување на Законот за да одговара на потребите на младите во Северна Македонија. На консултативниот настан ќе се обратат Дарко Каевски (Агенција за млади и спорт), Блажен Малески (Национален младински совет на Македонија) и Стефан Андоновски (Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ).
На овој консултативен настан се поканети сите заинтересирани млади луѓе кои сакаат да дознаат што значи Закон за младинско учество и младински политики и да го кажат својот став за што ваков документ треба да содржи.
Дебатите и иницијативата за Законот за младинско учество и младински политики се организирани од работна група која ја сочинуваат претставници од: Пратеничкиот клуб за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Северна Македонија, како и претставници на младинските организации Национален младински совет на Македонија, Коалиција на младински организации СЕГА и подмладоците на БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.
Ова е само првиот настан од серија јавни дебати кои ќе се одржат во сите плански региони во земјата каде младите ќе можат да ги споделат своите идеи и потреби со работната група за изработка на овој закон. Со овој процес инициран заеднички од пратениците, институциите и младинските организации во Северна Македонија, се надеваме дека ќе се креира добар закон кој ќе го промени животот на младите во земјата на подобро.
Повеќе информации за Законот за младинско учество и младински политики, како и информации за начинот на кој младите можат да го споделат своето мислење со работната група онлајн, се достапни на веб – страната: http://www.zakonzamladi.ams.gov.mk/.
Сите одржани средби на работната група, како и текот на целокупниот процес, се поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.