Во 13 општини низ земјава започна пробното попишување, информираа од Државниот завод за статистика, иако власта и опозицијата сѐ уште не го усогласија закон за попис што треба да се реализира во април следната година.
Пробниот попис заради тестирањето на методологијата и технологијата за попишување, се спроведува во Прилеп, Долнени, Кисела Вода, Зелениково, Гостивар, Кичево, Струга, Свети Николе, Радовиш, Валандово, Куманово, Кратово и во Штип.
И пробниот и главниот попис ќе траат по 21 ден, односно по три недели.
Откако во понеделникот беше откажана собраниската расправа за законот, власта не ја исклучува можноста за лидерска средба.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предложениот закон е спорен и дека истиот тој е производ на таен договор меѓу СДСМ и ДУИ. Бараат и со нив да бидат извршени консултации за најголемата статистичка операција, во спротивно не исклучуваат и бојкот на пописот.
Од владејачката партија велат дека пописот не смее да се политизира и уверуваат дека ќе биде по европските стандарди.