Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 80. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по скратена постапка и со европско знаменце, информира МИА.
Владата на Република Македонија на вчерашната 115-та редовна седница донесе одлука на Собранието на РМ да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце со цел законот да се донесе што е можно побргу со цел зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка за поефикасна превенција и борба против корупцијата.
Со Предлог законот се врши усогласување со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, а инкорпорирани се и препораките на ГРЕКО, на експертските извешати и на извештаите на ЕК за напредокот на земјата од 2015 и 2016 година.
За да се донесе законот потребно е двотретинско мнозинство. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат законот во ваква форма изразувајќи сомневања дека се подготвува „нов чадор што подоцна би служел за притисок врз политичките неистомисленици“. Поднесоа и амандмани.
Министерката за правда Рената Дескоска, минатата недела на брифинг со новинарите за Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, посочи дека дел од амандманите може да бидат прифатени, но оти најголемиот дел се неприфатливи како оние со кои се бара да се тргне надлежноста на идните членови на ДКСК да вршат увид во банкарските сметки на функционерите и барањето за бришење на условот за забрана за политизација на членовите.
– Апелирам до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да бидат свесни за значењето на Законот за спречување на корупција и да се откажат од одредени барања што ги имаат, кои треба да придонесат за намалување на значењето, улогата и надлежностите на ДКСК. Сметам дека тоа се барања што не може да бидат удоволени. Ако бидат удоволени тоа ќе значи носење на закон што нема да биде согласно препораките на Европската комисија, што е неприфатливо за нас како Влада, рече Дескоска.
Министерката за правда посочи дека за нив е неприфатливо и барањето да се формира Национален совет за борба против корупцијата, бидејќи тоа би значело паралелизам во делувањето и работата на Антикорупциската комисија.
ДКСК е нефункционална откако оставки поднесоа пет членови на Комисијата поради наводите за ненаменско трошење на буџетски средства од нивна страна. На 19-ти март 2018 година Собранието на Република Македонија донесе одлука со која од функцијата се разрешени пет членови на ДКС, а порано, на 1-ви март 2018 година, по објавувањето на наводите за ненаменско трошење на буџетски средства во ДКСК, забелешки и препораки од внатрешен ревизиорски извештај, Јавното обвинителство на Република Македонија објави дека скопското Основното јавно обвинителство оформи предмет по допрен глас за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на ДКСК.