Премиерот Зоран Заев денеска ја прими делегацијата на Претседателството на Босна и Херцеговина којашто во еднодневна работна посета на нашата земја ја предводи членот на претседателството Шефик Џаферовиќ.
Премиерот Заев на средбата истакна дека посетата на членот на Претседателството на оваа земја Шефик Џаферовиќ е резултат на континуитетот и на исклучително позитивните и традиционално блиски односи на двете земји.
Заев и Џаферовиќ на средбата истакнаа дека двете земји ги поврзуваат и заедничките интереси и вредности како што се членството во НАТО и ЕУ, и во таа насока премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е подготвена да го сподели со Босна и Херцеговина искуството од пристапниот процес до полноправно членство во Северно-атлантската алијанса.
Премиерот Заев истакна дека е од посебно значење што оваа посета се остварува на денешен ден, на Меѓународниот ден на Бошњаците и го информираше членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Џаферовиќ дека доаѓа од увидот од последната фаза на изградбата на мостот „Цвет на Сребреница“ кој и симболички и реално поврзува две населени места во нашата земја во кои доминантно живеат нашите сонародници од бошњачката заедница заедно со припадници на други заедници од македонската, албанската и други заедници.
На средбата беше потенцирано дека и двете земји препознаваат силни потенцијали за унапредување на економската соработка и изразија подготвеност да продолжат подготовките за воспоставување на авионска линија меѓу Сараево и Скопје кои беа прекинати заради пандемијата и од која се очекува да ја поттикне комуникацијата меѓу двете земји.
Заев и Џаферовиќ на средбата се согласија дека Северна Македонија и Босна и Херцеговина имаат многу блиски врски од минатото и дека имаат заеднички определби и за заедничка иднина.