Поддршка за процесот на интеграција на Република Македонија во НАТО била изразена на денешната средба на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев со Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, била истакната и важноста од евроинтеграциите, во момент кога земјата бележи резултати на планот на реформите и добрососедските односи.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата заклучено е дека сите во државата треба да се посветат на заокружување на реформскиот процес, посебно во правосудството и на успешни претседателски избори, што ќе и овозможи на државата да продолжи напред.
-Ова се клучни моменти за евроатлантската иднина на државата. Владата го знае својот дел од одговорноста и заедно со сите политички и општествени чинители во државата, вклучувајќи го и дијалогот со опозицијата, мотивира имплементација на реформите, посебно во делот на правосудството со цел добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, како и успешно заокружување на процесот на НАТО интеграциите, до крајот на годината. Истовремено посветени сме на обезбедување регуларен и успешен изборен процес за претседател на државата и очекуваме сите во државата да го имаат предвид својот дел од одговорноста во овој значаен период за Република Македонија – рече премиерот Заев.
На средбата е разговарано и за поддршката што Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје ја обезбедува на нашата држава, експертска и друг вид потребна помош, во процесот на целосно интегрирањe во НАТО.
-Нашата цел е Република Македонија, низ учеството во мисиите на НАТО, опременоста на Армијата, преку постепеното зголемување финансиски средства за Армијата, да биде достоинствена 30-та земја членка на НАТО – рече премиерот Заев, на средбата со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, Зоран Јанковиќ, стои во соопштението.