Премиерот Зоран Заев ја посети националната установа „Танец“ и имаше средба со директорот на ансамблот, Мартин Вучиќ, и со дел од вработените по повод годишнината од основањето.
– Оваа наша национална установа од посебен општествен интерес повеќе од 7 децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјата и надвор од неа. „Танец“ е бренд што ја освојува публиката каде и да настапи. Ја освојува со својата професионалност, со совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство – истакна Заев.
Според директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ, пандемијата што во моментот владее ги погоди сите категории луѓе и институции, а меѓу најпогодените, поради природата на дејноста, се изведувачките уметности и настани.
– Таков е и нашиот ансамбл, кој е должен да ја негува македонската музичко-фолклорна традиција и сценски да ја претставува, но верувам дека набргу повторно ќе можеме да настапуваме и да ги презентираме уметничките достигнувања на ансамблот ‘Танец’ во неговиот полн сјај дома и во светот – рече Вучиќ.
Заев рече дека е донесена одлука за нов објект како траен дом за „Танец“.
На денешен ден, пред 72 години, во 1949 година, со решение на Народното собрание на тогашната Народна Република Македонија е формирано друштво за собирање, негување и презентирање на македонското музичко-сценско творештво, кое стана светски препознатливо како ансамбл „Танец“.