Премиерот Зоран Заев, денеска во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН, првпат се сретна со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, кој ја презеде функцијата од Алексис Цирпас.
На средбата Заев истакнал дека Владата на Република Македонија е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји.
– Премиерот Заев нагласи дека Владата е подготвена за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, како што е предвидено со Договорот од Преспа, за кој потенцираше дека е историски чекор и значаен договор за градење добрососедство, поблиска соработка и конструктивни и позитивни односи меѓу двете земји – соопштија од Владата.
Заев рекол дека за почит е фактот дека Грција беше првата земја-членка на НАТО што го ратификувала Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО во постапката за полноправно членство која ќе биде финализирана наскоро.
– На средбата со грчкиот премиер Мицотакис, премиерот Заев информираше за напорите за зајакнување на спроведувањето на тековните реформи со цел да се отвори простор за почеток на преговорите за влез во ЕУ за што се очекува позитивна одлука во октомври годинава. Беше изразена поддршка од страна на грчкиот премиер за отварање на преговори со ЕУ и беше потенцирано дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива – се наведува во соопштението.
На средбата било заклучено дека унапредувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и директните инвестиции се од взаемна корист за сите граѓани од двете држави.