Премиерот Зоран Заев и српската премиерка Ана Брнабиќ денеска го одбележаа отворањето на интегрираниот граничен премин помеѓу Србија и Македонија.
– Исполнивме уште една обврска за интеграција на европско ниво. Заедничкиот граничен премин Табановце-Прешево предвидува и заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување, „One-stop-shop“. Со новиот концепт, времето на минување на граница се крати за половина. Ова е последна фаза во создавањето услови за поголема размена на стоки и полесно движење на граѓаните – напиша Заев на Твитер.
Според Брнабиќ, ваквиот премин ќе овозможи поттик на регионалната трговија. Поради таксите наметнати на Србија и БиХ од Косово, Брнабиќ изјави дека Србија ќе бара алтернативни решенија во склучување билатерални договори.
По отворањето на интегрираниот премин, српската делегација се упати кон Скопје, каде што ќе се состане со претседателот Стево Пендаровски во 14.30 часот во вилата на Водно.