Премиерот Зоран Заев денеска одржа онлајн средба со Един Бајрами, претседател на Здружението на Горанците во Македонија и со претставници на здружението.
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот биле поздравени политиките на премиерот Заев и на Владата за концептот Едно општество за сите.
– Претседателот и членовите на Здружението на Горанците информираа дека имаат претставници од Горанците во нашата земја, но и од Косово и од Албанија и изразија определба за активен придонес во реформските процеси во државата. Тие информираа дека како луѓе од еснафот, главно угостители и занаетчии, во време на пандемијата имаат организирано хуманитарни активности со поделба на оброци за припадници на МВР, на мигранти и на деца без родители и дека ќе продолжат да дејствуваат во оваа хумана насока – се наведува во соопштението од средбата.
„Горанците се одговорни и лојални граѓани на нашата држава и треба да бидат поддржани во изразениот интерес да придонесат во политиките и активностите за доброто на државата“, рекол премиерот Заев.
На средбата било договорено, во следниот период, да се работи на поголема вклученост на Горанците во општествено-политичкиот живот во земјава, како и за поддршка на проекти од областа на културата.