Свештениците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија веќе неколку години апелираат верниците да ги напуштат суеверијата и обичаите, кои со години ги практикувале за овој ден и да му се посветат на христијанскиот начин на одбележување на задушница
Православните христијани оваа сабота ја одбележуваат задушница во чест на душите на мртвите. Оваа задушница секогаш се паѓа една недела пред празникот Прочка. Така, тогаш се посетуваат гробиштата, каде што се изразува помен за починатите. Свештениците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија веќе неколку години апелираат верниците да ги напуштат суеверијата и обичаите, кои со години ги практикувале за овој ден и да му се посветат на христијанскиот начин на одбележување на задушница, односно да се посветат на молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колку количество храна ќе се раздаде на гробиштата.
Според нив, под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино и на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православието има само бескрвна жртва.
– Во црквата секој ден си има свое значење и намена, па така како ден за покојните е одредена саботата. Затоа и задушниците се прават секогаш во сабота. Значи, спомените не треба да се прават во недела, туку секогаш во сабота – посочуваат свештениците.
Отец Бобан Митевски, свештеник од МПЦ-ОА, вели дека црквата се моли и за сите починати воопшто, но го практикува тоа во секоја сабота.
– Во нашата традиција, три од овие саботи се изделуваат, и тоа саботата пред Духовден, месопусната сабота и саботата пред празникот Митровден, и се нарекуваат задушници. Самиот израз „за душата“ означува дека тоа се особени периоди, односно денови во годината, кога христијаните својот молитвен труд им го посветуваат на упокоените христијани. Приносот што се дава е во вид на бескрвна жртва, коливо, односно варена пченица, која го симболизира воскресението и вино, страдањата Христови. Некаде се принесува и леб. Но освен овие работи, на гробовите не би требало да се принесува никаква друга храна – нагласува отецот.
По оваа задушница, следува Прочка, а потоа веднаш почнуваат велигденските пости. Следната недела, односно неделата пред Прочка се вика месопусна или месна недела, а некои ја викаат и недела на месни поклади, зашто на тој ден се запостува со месо, месни производи и со свинска маст. Теолозите посочуваат и дека следните седум дена од месни поклади до Прочка се вика и сирна недела или сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и бела недела. Треба, како што велат теолозите, строго да се внимава во текот на сирната недела да не се јаде месо.