Според Фридман, најдобар начин за зачувување на јазикот е кога тој активно се говори и се пренесува од генерација на генерација. Тој смета дека јазикот на македонските малцинства што живеат во Грција сè уште е загрозен, нешто подобра е ситуацијата во Албанија, но најзагрижувачка е состојбата со Бугарија, која не го признава постоењето на македонскиот јазик

ВИКТОР ФРИДМАН, АМЕРИКАНСКИ ЛИНГВИСТ И ЕДЕН ОД НАЈПОЗНАТИТЕ МАКЕДОНИСТИ ВО СВЕТОТ

Потпишувањето на договорот од Преспа, како и промената на уставното име на државата, за лингвистот и македонист Виктор Фридман претставува можност македонскиот јазик да биде подобро зачуван надвор од државата.
Тој неодамна беше одликуван од претседателот Ѓорге Иванов со медал на заслуги за Македонија за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во САД и за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.

– Преспанскиот договор, отворајќи ѝго патот на Северна Македонија кон некои меѓународни организации, исто така го отвори патот кон подобро зачувување на македонскиот јазик надвор од државата – вели Фридман.

Според него, новото уставно име на државата Република Северна Македонија, не го загрозува македонскиот јазик.

– Во Преспанскиот договор многу јасно пишува дека македонскиот јазик се вика македонски, па според тоа новото име Северна Македонија не може да го загрози македонскиот јазик – нагласува Фридман.

Тој додава дека најдобар начин за зачувување на јазикот е кога тој активно се говори и се пренесува од генерација на генерација.

– Јазик се зачувува кога родителите зборуваат со децата, и децата го употребуваат меѓу себе, и, кога ќе пораснат, го употребуваат со нивните деца, кои исто така го употребуваат меѓу себе, итн. – вели Фридман.

Професорот Фридман се осврна и на заштитата и употребата на македонскиот јазик од страна на македонското малцинство во соседните земји.

– Јазикот на македонските малцинства што живеат во Грција сè уште е загрозен, иако не толку, колку што беше во минатото – нагласува Фридман.

Според него, нешто подобра е ситуацијата во Албанија, која го има признаено македонскиот јазик.

– Може уште да се направи за употребата на јазикот на македонското малцинство во Албанија, но генерално таму постои основа за подобрување – е ставот на Фридман.
За него загрижувачка е состојбата со Бугарија, која воопшто не го признава постоењето на македонскиот јазик.

– Веќе сум во пензија, но пишувам статии и книги во кои продолжувам да ги експонирам историјата и сегашноста на македонскиот јазик – додава Фридман.
Виктор Фридман е американски лингвист и еден од најпознатите македонисти во светот.

Првпат ја посетува Македонија во 1971 година. Во 1999 година е предавач на меѓународната летна школа „Светлата страна на Балканот“ на Институтот за социолошки, политички и правни истражувања на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 1999, 2003 и во 2007 година тој бил награден со златна плакета од страна на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, додека, пак, во 1994 година тој бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Во 2007 година е прогласен за почесен доктор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Во 2009 година заедно со македонската политичка партија Виножито вo Грција го промовираа македонско-грчкиот речник, што наиде на насилна и бурна реакција од грчката јавност.

[email protected]