Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство констатираше дека се исполнети епидемиолошките услови за одјава на епидемијата на мали сипаници на територијата на цела држава, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола на епидемијата, предложени од комисијата. Овој заклучок е донесен по поминати 45 дена од последниот пријавен лабораториски случај на мали сипаници или два максимални инкубациски периода од последниот потврден случај.
Согласно донесените заклучоци од Комисијата, во тек е известување на сите јавни и приватни здравствени установи во државата за одјавување на епидемијата со морбили на ниво на цела држава. Комисијата препорачува во континуитет да се одржува висок опфат со МРП вакцина (над 95 отсто), со цел да се превенираат идни епидемии.
Вкупниот број регистрирани случаи со морбили во нашата држава, од декември 2018 година до крајот на минатата недела изнесуваше 1.901 случаи со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители. Според вакциналниот статус, вкупно 1.530 или 80,5 отсто од заболените деца биле невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Согласно податоците од Институтот на јавно здравје, во текот на епидемијата вкупно се вакцинирани 44.497 лица на возраст до 14 години, а се аплицирани и дополнителни 6.305 дози од вакцината кај лица над 14-годишна возраст, од кои повеќе од 60% отсто кај здравствени работници, студенти на медицина, стоматологија и фармација, специјализанти и ученици во средните медицински училишта и останати контакти на заболените лица.
Со оглед на фактот дека болеста се регистрира во целиот европски регион, можна е појава на поединечни импортирани случаи и ограничено ширење на болеста кај невакцинирани лица. Епидемиска појава од поголем обем во наредниот период не е веројатна, поради зголемување на опфатот на подлежната популација на возраст до 14 години над 95 отсто и намалување на бројот на осетлива популација кој дополнително е намален како резултат на вакцинацијата кај останатото население.