Во случај кога постои опасност, епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството за здравство прогласува епидемија и наложува мерки за нивно сузбивање, пишува во Законот за заштита на населението од заразни болести
Бурни реакции во јавноста предизвика привремената мерка на Министерството за здравство, за забрана за прием на деца што немаа примено МРП-вакцина (за морбили, рубеола и паротитис). Оваа мерка беше донесена откако пред три дена беше прогласена епидемија од морбили на територијата на градот Скопје. Некои од реакциите на граѓаните беа во насока на тоа дека мерката е противуставна и противзаконска.
Проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, вели дека мерката е воведена во согласност со законот.
– Колегите што се правници во тимот, се повикаа на членови од Законот за заштита на населението од заразни болести. Апсолутно таа е донесена според закон, се знае во таков случај кои конкретни мерки се преземаат, а една од мерките и токму оваа. Јас апсолутно сочувствувам со родителите, тие се најмалку виновни за ваквата состојба, но ние треба да го почитуваме правото, односно велиме дека заштитата со вакцинација е многу подобра отколку заштитата со сребрена вода – вели Грозданова.
Во членот 56, пишува дека при појава на епидемија на подрачје за кое е основан центар за јавно здравје, епидемијата ја прогласува надлежниот центар. Во случај кога постои опасност, епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството прогласува епидемија и наложува мерки за нивно сузбивање. Во членот 57, стои дека во случај на епидемија, како и во случај на поголеми елементарни и други несреќи, кои можат да предизвикаат појава на епидемија на заразна болест, можат да се преземат неколку мерки.
„Обврска здравствените работници и здравствените соработници да вршат
здравствена дејност во вонредни услови, ограничување на правото на штрајк,
ставање на располагање и користење на работни и други простории, опрема,
лекови и превозни средства за вршење на здравствена дејност, одредување на посебни задачи на здравствените установи и други мерки пропишани со овој закон. Мерките траат додека постои опасност од ширење на епидемија. Владата на Република Македонија на предлог на Министерството одлучува кои од
мерките ќе се применат и за кој временски период“, пишува во овој член од Законот за заштита на населението од заразни болести.
Инаку министерот за здравство Венко Филипче најави дека настрана од привремената мерка, се подготвуваат законски измени, според кои дете што не е вакцинирано, нема да може да биде примено ниту во градинка ниту на училиште.
– Истите проблеми ги имаат сите земји во регионот, ги имаат развиените земји, ги има Израел. Израел го решил проблемот со тоа што вакцинацијата станала задолжителна и сега тие немаат проблем со вакви заболувања. Ова е единственото вистинско и долгорочно решение. Заради тоа што во многу земји во светот каде што ги имале сите овие исти проблеми, така го решиле проблемот, со задолжителна вакцинација – вели Филипче.
Во меѓувреме, градинките продолжуваат да не примаат деца што не се вакцинирани со МРП-вакцина. Се примаат само оние на кои во вакциналниот картон им пишува дека ја примиле.