На Универзитетската клиника за хематологија воведена е нова метода за лекување пациенти со имуномодуларна терапија.
Од Министерството за здравство велат дека ова е уште еден исчекор во модернизирање на лекувањето на пациентите на оваа клиника, но и инвестиција во квалитетен здравствен систем за граѓаните.
За овој начин на лекување нашите пациенти претходно одеа да се лекуваат надвор од нашата земја, а фотоферезната имунолошка клеточна терапија популарно наречена фотофереза отсега ѝ е достапна на Клиниката за хематологија. Станува збор за специјална машина во која дел од крвта на пациентот се третира со специјален фотосензитивачки лек и потоа се изложува на специфична светлосна комора во која се активира. Крвта потоа се враќа назад и делува во организмот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во посета на пациент врз кој се вршеше оваа терапија, а новата метода на лекување ја спроведува стручен тим на клиниката, предводен од директорката на Хематологија, д-р Ирина Пановска Ставридис.
За усовршување на овој начин на лекување со медицинскиот тим на Хематологија работи едукатор од Германија.
Имуномодулаторна терапија нуди надеж за болните кои страдаат од Т-клеточни лимфоми, пациенти кои развиваат акутна или хронична форма на болеста GVHD, за лекување определени имунолошки болести и состојби како системска склероза, Кронова болест. Со фотоимуната терапија се третираат и пациенти по трансплатација на солидни органи – срце и бели дробови, во случаи кај кои телото го отфрла органот. Клиниката за хематологија, освен во третманот на пациенти вложува и во едукација и усовршување на својот медицински персонал, од следниот месец медицински тимови од оваа клиника ќе одат во Загреб, на едукација и усовршување на нови методи на лекување.
Министерството за здравство за Клиниката за хематологија минатата година обезбеди апарат за криопрезервација, односно за смрзнување на крвни матични клетки.