Најавените измени во Законот за Агенцијата за разузнавање предизвика бура од реакции во експертската јавност, откога тие беа презентирани на последната седница на собраниската комисија за одбрана и безбедност. За дел од познавачите, новото законско решение е избрзано, ќе предизвика тешки последици во работата на безбедносниот сектор, ќе резултира со негова дисфункционалност и ќе му даде преголема моќ на директорот да одлучува за сѐ, без никаков надзор, контрола и отчет. За други, пак, новитетите во законот се добри и тие се неопходни заради финиширањето на реформите во безбедносните служби. За подобро разбирање на ставовите, „Нова Македонија“ се консултира со видни познавачи на проблематиката со намера читателите да можат да ги споредат нивните размислувања и ставови.
Се подобрува позицијата на вработените
Златко Димовски, професор на Факултетот за безбедност, вели дека во суштина новото законско решение е дополнување на веќе постојниот закон од 1995 година, во кој дополнително и прецизно се оцртува и обликува работата на Агенцијата.
– Што се однесува до самиот текст на постојниот Закон за Агенцијата за разузнавање, кој е во сила уште од 1995 година, мораме да се пофалиме дека тој е еден од ретките закони што издржал толкави временски турбуленции и досега добро ја оцртувал и обликувал работата на Агенцијата за разузнавање и во суштина немало никакви проблеми. Сега, при носењето на новото законско решение, фактички се врши негово унапредување и дополнување, кое е насочено кон подобрување на позицијата на вработените во однос на условите за работа, привилегии, начинот на пензионирање и сл. Во суштина е добра кога вработените ќе се изедначат, според професионалните стандарди и услови, со нивните колеги од другите агенции и служби – вели професорот Димовски.
Со предложеното решение, според него, нема да има преклопување на активностите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор и со истиот тој се прави јасна дистинкција помеѓу надлежностите на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, што досега не беше јасно прецизирано.
– Секако дека нацрт-текстот покрај тоа што го содржи важниот социјален аспект за вработените и прецизно ги уредува нивните права и обврски, во исто време има и свои недостатоци во однос на самите ингеренции на директорот, кои, според мене, може да се отстранат во иднина преку носење подзаконски акти од страна на Владата, со што прецизно ќе се дорегулира работата на агенцијата – објаснува Димовски.
Професорот смета дека новиот закон не би требало да пропишува толку многу ингеренции само на една личност, во овој случај директорот, и дека се остава премногу простор во кој може да се создаде „супермен“ во разузнавачката заедница.
На иста линија со размислувањата е и претседателот на надлежната собраниска комисија и еден од предлагачите на измените, пратеникот од СДСМ Хари Локвенец, кој објаснува како четвртиот и последен закон поврзани со реформата на безбедносниот и разузнавачки сектор, треба да се донесе по скратена постапка и во согласност со забелешките и препораките од ЕУ и од НАТО.
– Ќе се подобри интероперабилноста на функционирање на Агенцијата во контекст на НАТО и европското здружување. Законот ги регулира и ги прецизира начинот на извршување на задачите и употребата на методите и средствата за работа. Исклучително важно е што ги уредува правата и обврските на вработените, ги зајакнува професионалните стандарди и интерните процедури во насока на заштита на класифицираните податоци – појаснува Локвенец.
Политичкото влијание останува
За поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник од ДС, Павле Трајанов, новото законско решение воопшто не е имуно на партиските влијанија.
– Новото законско решение за Агенцијата за разузнавање е дел од системските реформи во службите за безбедност. Разузнавањето е специфично и на ист начин помалку или повеќе се регулира и во другите држави. Претпоставувам овој закон е компаративно решение на вакви закони од поразвиените земји. Приближно, тоа е дефиницијата што ја практикуваат речиси сите разузнавачки служби во регионот, но и светот. Проблемот кај нас е како да се забрани партиското влијание во оваа агенција.
Искуството покажа дека токму оваа безбедносна агенција не е отпорна на политиката во земјава, а новото решение јасно не пропишува како ќе се оттргнува работата на Агенцијата за разузнавање од влијанието на политиката. Второ, во неколку наврати досега во земјава се злоупотребуваше агенцијата за неовластено следење и фотографирање и за тоа имаше и реакции во јавноста. Клучното на крајот е дали со законот ќе се обезбеди висок степен на самостојност на оваа безбедносна институција од сите влијанија. Дали законот го гарантира тоа и дали партиите нема да се мешаат во работата на агенцијата како досега, е веќе друга дилема за која немам одговор. Со една реченица, треба да се вметнат повеќе одредби за агенцијата за се заштити од политичките влијанија – појаснува Трајанов.
За пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев, овој закон е еклатантен пример како на „шверцерски начин“ се нудат решенија што регулираат сфера многу важна за нашата држава.
– Како опозиција, апсолутно сме убедени дека има потреба од носење на овој закон, но не на ваков начин. Имам многу забелешки за законот, мислам дека Собранието треба да размисли дали треба да продолжи со оваа процедура или да остави доволно простор да се направи квалитетен закон за што ќе добие поширока општествена поддршка – вели Димитриев. Дј.С.