Како почна сѐ во далечната 1963 година и кои се највпечатливите моменти од досегашната 55-годишна историја на манифестацијата „Галичка свадба“, која е израз на македонскиот непокор и пркос и по која земјата стана препознатлива во светот. Зошто светските магазини „Њујорк“ и „Нешнл џиографик“ токму „Галичката свадба“ ја прогласија за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа
Денеска е Петровден. Ќе ечат камбаните на црквата „Св. Петар и Павле“, во чест и слава на свети Петар, заштитник, патрон на Галичник, кому името му го дал Исус Христос, грчки збор што значи карпа, камен, за својата црква да ја гради врз верата на Петар, која била цврста како камен. И Галичник е расположен на карпест предел.
Петровден – ден за радост, за веселби, за свадби. Галичани со векови свадбите ги прават на Петровден, до денешни дни. Трештат тапаните, ечат звуците на зурлите, кои се разлеваат низ питомите предели на планината Бистра, по долината на реката Радика, се слушаат до Елбасан, Албанија.
Во митскиот и магичен Галичник, можеби и никаде на друго место на планетата Земја, Петровден е симбол на галичките свадби, на македонскиот непокор и пркос. Хроничарите забележале дека на Петровден во 1921 година, пред олтарот на црквата „Света Петка“ во Галичник застанале 51 брачна двојка, кои пред Бога и свештеникот го изрекле судбоносното „да“, како и ветување дека ќе бидат верни еден на друг. Така било сѐ до шеесеттите години на дваесеттиот век, кога миграцијата село-град го опусте селото. Галичник – најголемото село на Балканот, а изреката „Галичник село големо, в Станбол на чутук пишано“ потврдува за големината и за неговата економска моќ. Пред Втората светска војна биле регистрирани околу 6.000 жители и 800 куќи. Поради лошите услов за живеење, во педесеттите години на 20 век, кога им беа одземени овците и другиот имот се влева во задругата, забраната за одгледување кози и други неповолни мерки, државата присилно ги принуди галичани да го напуштаат Галичник и да се населуваат во Скопје, Гостивар, Тетово, Битола, Белград и на други места, а голем број да заминат на печалба во земјите на сите континенти, каде што куќа закуќија, таму останаа, не се вратија. Заминуваа, ги оставаа куќите-палати, огорчени, револтирани од тогашната власт, со голема болка и тага дека нема никогаш да се вратат назад. Од забот на времето, Галичник го загуби ликот на амфитеатрално поредените куќи една на друга, една до друга, почнаа да се уриваат. Галичник опустоши. Деновите му беа избројани за да го снема од географската карта, да ја доживее судбината на неколку села од западниот дел на Македонија. Ретки беа галичани што од голем копнеж по макадамскиот пат низ планината Бистра ќе дојдеа да го посетат татковото огниште. Шест месеци и повеќе Галичник беше отсечен од светот, бидејќи патот беше завеан со снег и непрооден.
Група галичани фанатично вљубени во родното место се организираа, почнаа да преземаат активности да се врати животот, да не дозволат пред нивните очи Галичник да битисува. Тешко се остваруваа плановите за ревитализација. Младите беа настојчиви, на ум ја имаа изреката што постојано им ја кажуваа возрасните галичани „бачило лесно се урива, а тешко се обновува“, така ќе биде и со обновата на животот на нашиот многу сакан Галичник.
Во 1962 година беше формиран иницијативен одбор, со задача да осмисли туристичка културна манифестација, со единствена задача да ги негува и на јавноста да ѝ ги презентира изворните народни песна и ора, свадбарските обичаи и ритуали, прекрасната галичка носија рачно изработена од терзија, фолклорот. Со еден збор, сѐ што е вредно, автентично да им се пренесува на младите генерации, од колено на колено, за да не се заборават традициите. Овие цели, како што тврдеа иницијаторите, ќе можат да ги остваруваат со одржување на туристичката манифестација „Галичка свадба“. Првата беше одржана на Петровден во 1963 година. Репортерот на весникот „Нова Македонија“ во еден од текстовите, насловен „Спектакуларни ритуали“, објавен на 15 јули 1963 година, забележува: „На ’Галичката свадба’ беа изведени обичаи што се одржувале секогаш на оригиналните петровденски галички свадби. Во Галичник беа собрани гости од Скопје, Тетово, Гостивар, од околните села, присуствуваа околу 4.000 луѓе“.
Ова беше почетокот на патот на туристичка манифестација „Галичка свадба“, која изоди 55 години, а во наредниве три дена ќе биде одбележан овој значаен јубилеј. За овој период беа одржани 44 галички свадби, а годинава ќе се одржи јубилејната, 45-та „Галичка свадба“.
– Никогаш нема да ја заборавам првата „Галичка свадба“ на која учествував и настапив на концертот што се одржа на платото „На пеш“, на кој присуствуваа 4.000 посетители. Јас исполнив неколку песни, како солист и дует со вујко ми Благој Петров Караѓуле – ни ги изнесе спомените живата легенда на македонската песна Виолета Томовска.
Втората „Галичка свадба“ се одржа на Петровден, 12 јули 1964 година. Времето не беше наклонето, постојано врнеше пороен дожд. Организаторот вложи многу труд, а ефектите беа незначителни. Малата посетеност беше условена од лошиот пат низ Бистра и дождливото време. Тоа беше и причина организаторот да паузира со одржувањето на манифестацијата сѐ додека не се асфалтира патот Маврово – Галичник, низ планината Бистра.
По пауза од десет години, во 1973 година повторно беше обновена туристичката манифестација „Галичка свадба“. Патот беше асфалтиран, што на организаторите им даде импулс да ја возобноват туристичката манифестација и да ја продолжат традицијата. Манифестацијата „Галичка свадба“ ги мобилизира галичани и со сопствени донации учествуваа во широката активност што ја поведе месната заедница за асфалтирање на патот. Асфалтот дојде во Галичник во 1973 година, а со тоа се отворија нови видици за негов просперитет, се врати надежта кај галичани, кои почнаа да ги поправаат напуштените куќи, да градат и нови куќи, постојано да доаѓаат и го повратија животот.
На 21-то издание на „Галичка свадба“, кое се одржа во 1991 година, првпат се случи вистинска свадба. Младите Антонио Пендаровски и Весна Мицевска се венчаа во монументалната црква „Св. Петар и Павле“. Повардарскиот митрополит на МПЦ, г. Михаил, го изврши светиот чин венчавка и ги благослови младоженците да имаат многу здравје, љубов, среќа, слога, верност и многу деца.
За првпат на Петровден, 12 јули 1994 година, се одржаа и крштевка и венчавка. Митрополитот г. Горазд ја крсти едногодишната Ива Лепчевска, а потоа ги венча младоженците Влатко Дамчевски и Јулијана Петреска.
Рекорден број посетители, над 10.000, хроничарите регистрираа на 23-то издание на „Галичка свадба“, кое се одржа на 13 и 14 јули 1996 година.
Поради воениот конфликт во Македонија, во 2001 година Галичник остана без петровденската галичка свадба. Сепак не беше прекината традицијата на негување на дел од свадбарските обичаи и ритуали. На платото пред опеаната чешма „Упија“ игроорците на КУД „Кочо Рацин“ од Скопје го одиграа „Тешкото“, симболот на тешкотиите и непокорот на галичкиот бистроумен народ, многу напатен, но секогаш успевал да излезе како победник од сите премрежиња. Токму ова оро е историска приказна за галичани. Тешко се игра, а уште потешко е да се гледа, забележуваат многу домашни и странски посетители.
Како хроничар што ги проследил сите галички свадби, Галичката ликовна и Галичката книжевна колонија, сите промоции на книги и изложби, културни, општествени, спортски и други настани, објавив илјадници текстови во печатените и електронските медиуми и во монографијата „Галичник засекогаш“. За 2009 година напишав: „Во Галичник се случи спектакл каков што нема никаде на светот. На едно место, на повеќе од дваесетина локации, се собра толку народ на свадбарска веселба, како на ’Галичка свадба’. Свадба што со право го носи епитетот свадба со најмногу сватови“.
Светските магазини „Њујорк“ и „Нешнл џиографик“ ја прогласија „Галичката свадба“ за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.
Три дена свадба
Галичник живее за Петровден, кој бил и останува за вечност празник на свадбата, веселбата и радоста, на љубовта и верноста, на средбите и на новите запознавања, на нови љубовни почетоци… Во свадбарското милје да се биде зет и невеста, толку посакувано од многу млади, годинава ќе им се исполни на Тања Лепчевска и Златко Димовски. Архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, со монаси и монахињи, ќе ги венча младоженците.
Годинешната „Галичка свадба“ ќе започне со китење на свадбарскиот бајрак и фрлање три пушки, што ќе се одржи задутре, во 19,30 часот. Потоа ќе бидат пречекани тапанџиите и зурлаџиите, свекрвата ќе го одигра Свекрвиното оро, ќе бидат изведени десетина свадбарски обичаи. Потоа веселбата ќе продолжи низ галичките меани. В недела, во 8.30 часот, зетот со побратимите и со најблиската рода ќе ги посети гробиштата и од блиските умрени ќе побара дозвола да се жени и ќе ги покани да му дојдат на свадбата, софрата да му ја заличат. Како на филмска лента од големиот број обичаи, ќе бидат изведени дваесетина: канење на кумот, бричење на зетот, на строј, бодинање, земање на невестата, венчавање, кршење на шутката, испраќање на тапанџиите и други.