Професорите во училиштата за средно образование одржуваат дополнителна и консултативна настава за учениците што доаѓаат и прашуваат како да го совладаат она што не им е јасно
Матурантите почнаа со полагања што се дел од државната матура, која, пак, е услов за упис на факултет. Професорите во училиштата за средно образование периодов одржуваат дополнителна и консултативна настава за учениците што доаѓаат и прашуваат како да го совладаат она што не им е јасно.
– Најголем проблем имаат со прашањата од минатите тестови, на кои се бараат субјективни толкувања, на пример, како се чувствувал конкретен лик во дадена ситуација. Проблемот е со одредени прашања што бараат одговори, кои децата не ги препознаваат бидејќи постои јаз меѓу поставувачот на прашањето и она што се бара. Начинот на формулација на одредени прашања исто така е проблем. На пример, во минатото имаше прашање што чувствувал одреден лик во таа и таа сцена, и понудените одговори беа меланхолија, тага и уште нешто, а ако се заокружеше меланхолија беше погрешно. Децата се во право, но во формулацијата на одговорот не се совпаѓаат со клучот – вели Тамара Ќупева, професорка по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“.
Таа објаснува дека освен прашањата што се со субјективни толкувања, учениците ги плаши најмногу граматиката, синтаксичката анализа на реченицата.
– И се разбира, најмногу ги плаши есејот, кој сметам дека е преобемен. Се бара да се напишат од 400 до 500 збора во период од четири часа, што мислам дека е апсолутно непотребно. Треба да има текст, се разбира, но тоа може да биде во една помала рамка – додава Ќупева.
Професорката информира дека матурантите имаат тешкотии со писменоста, со граматиката, но смета дека проблемот не е кај децата.
– Наставниците не ни се доволно писмени, нацијата не ни е писмена. А да не зборуваме за оној друг дел, влијанието на интернет-комуникацијата. Децата се интегрирани во глобален свет и нивни примарен јазик е латиничното писмо. Не можеме да ги изолираме од сето тоа. Нам ни треба стратегија, зашто оваа неписменост е последица на системот – смета Ќупева.
Матурантите ќе полагаат мајчин јазик на 9 јуни. Во училиштата периодов има консултативна настава, учениците доаѓаат и прашуваат што не им е јасно. Формална настава нема.
Екстерните испити од државната матура во јунска испитна сесија се реализираат во следниве термини: Англиски, Француски, Германски и Руски јазик се полагаше на втори јуни, Македонски, Албански и Турски јазик и литература ќе се полагаат на 9 јуни, Хемија, Физика, Биологија, Историја, Филозофија, Естетика и Бизнис ќе се полагаат на 11 јуни, а на 13 јуни матурантите ќе полагаат Математика. Сите испити се со почеток во 10 часот.
Државната матура е наменета за учениците во гимназиското и од четиригодишното средно стручно образование. Таа е завршен дел на средното образование, но има цел да послужи и за селекција на кандидатите при упис во високото образование. Се полага според посебни испитни програми, кои се темелат на целите на наставните програми за соодветните предмети, кои се вклучени на листата за државна матура.
Инаку, секоја година просечната оценка на ниво на држава по мајчин јазик е тројка. Секоја година се случува резултатите по Англиски јазик да се подобри од оние по мајчин јазик. Слаби се резултатите и по природните науки. По добивањето на резултатите, никој не ги бара причините за слабите матурски резултати, иако има институција – Државен испитен центар, кој би требало да се занимава со тоа.