Повторно влегуваме во лавиринт со многу непознати патеки, крстопати, кратенки и непознат терен, со кои си го комплицираме животот, овој пат во областа на рударството како една од носечките гранки на стопанството. Наместо систематски и рационално да пријдеме и докрај да ги решаваме дилемите, за кои имаме и доволен број информации и показатели за економската исплатливост и ангажираност на локалното население, како и студии за влијанието врз животната средина („Иловица-Штука“), ние реагираме со неоснован страв. Од друга страна, како мува без глава лутаме и се префрламе на нов терен, уште понепознат, неиспитан, со предлог за градба на 50-километарска подвижна лента низ Струмичка Котлина кон „Бучим“?
Расте атрактивноста на наоѓалиштето на бакар над „Иловица-Штука“, на падините на Огражден. Иако просторот над Иловица има концесионер, „Еуромакс ресурсис“, во јавноста сѐ поотворено настапува и првиот човек на „Бучим“, Николајчо Николов, со барања рудното богатство од Огражден да заврши токму во „Бучим“. Така фрлената ракавица во јавноста отвори суштинско прашање, дали Николов во својот храбар јавен настап ја претставува рударската индустрија и зборува во името на сите рудници во Македонија или се фокусира само на долгорочната одржливост на рудникот „Бучим“.
Малку невообичаено, но во својата последната изјава Николов ја искористи и несреќата во Бразил како аргумент да се групира рударскиот сектор на неколку локации од кои, за него, приоритет би имал „Бучим“.
Од друга страна, од концесионерот на проектот „Иловица-Штука“, „Еуромакс“ изминатите денови се воздржаа да го коментираат предлогот на Николов. Тие повеќепати во последнава година говореа за економските предности на нивниот проект за Македонија, како и за високите инвестиции што ги планираат во активности за заштита на животната средина во регионот околу идниот рудник.
Но што ќе значи за струмичкиот регион ако се прифати предлогот на Николов. Ќе добијат ли Иловица и Штука рудник без економски просперитет што рударската индустрија го носи за локалното население?
Инвеститорот „Еуромакс“ најави 500 директни вработувања и над 2000 индиректни вработувања, но ако обработка на рудата е во Радовиш, односно „Бучим“, драстично ќе се намали и бројот на вработувања во општините Ново Село, Босилово, како и од Струмица. Ќе продолжи и иселувањето на локалното население од Струмичко во потрага по подобра егзистенција, а општините ќе останат со помали буџети за инфраструктурни проекти зашто ќе се намали и приходот од персоналниот данок на доход што би го платил „Еуромакс“. Односно Струмица, Босилово и Ново Село само од придонеси од буџетите ќе изгубат околу 10 милиони евра годишно. Понатаму ќе се намали и потребата од локалните доставувачи, односно сите развојни потенцијали од развојот на рудникот ќе бидат изгубени за локалната заедница. Ќе се намалат и приходите по основа на концесискиот надоместок.
„Бучим“ со транспортна лента ќе ја носи и рудата од новиот негов рудник „Боров Дол“, та за очекување е и за рудата од Иловица до „Бучим“ да се изгради транспортна лента. Но таа ќе треба да биде долга најмалку 50 километри и ќе поминува низ центарот на Струмичка Котлина. Колку е економско оправдано ова решение и колкаво ќе биде негативното влијание врз животната средина? Секако долгата линеарна структура и големиот простор, кој истата таа ќе ги зафаќа, ќе ја отежни и контролата на ефектите што ќе ги предизвикува врз животната средина.
Има ли постојната постројка во „Бучим“ доволен капацитет за да ја преработува рудата од „Бучим“, „Боров Дол“ и од „Иловица-Штука“? Изградба на нова постројка за преработка во Радовиш, наместо во „Иловица-Штука“ само ќе ги намали можностите за вработување на населението во Иловица и во Штука.
Има ли хидројаловиштето на „Бучим“ доволен капацитет и за јаловината од „Иловица-Штука“? Дали „Eуромакс“ ќе се согласи да го користи хидројаловиштето на „Бучим“, кое се состои од песочен насип направен од самата јаловина и е со спротиводна конструкција само во втората и третата фаза од изградбата на објектот. Од „Еуромакс“ повеќепати објаснуваа дека планираат изградба на низводна камена насипна брана конструкција, усогласена со најдобрите достапни практики како најстабилно и најбезбедно можно решение.
Ќе нема потреба ниту од инвестицијата во снабдувањето со електрична енергија за проектот, а ќе се смени и проектот за унапредување на водоснабдувањето во селата близу рудникот. Неизвесно е дали концесионерот „Еуромакс“ по ова би прифатил да ги компензира сточарите, произведувачите на мед, корисниците на дрва за огрев, шумски плодови и печурки, сопственици на земја и други.
И можеби пред крајот треба да се прашаме дали погрешно го насочивме стравот кон новото и непознатото наместо да разгледаме какви се актуелните брани во Македонија и кои конструкции се присутни во рударските капацитети. Дали и кај нас се присутни типовите брани како таа во Бразил, со „спротиводна“ конструкција, кои, според тамошните власти и експертската јавност, се покажале како послаби конструкции, но се поевтини за инвеститорот и затоа често се наметнуваат како прв избор во проектите.