Амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, порача дека нема место за дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро и треба да се отстранат.
– Уникатното природно и културно богатство што го поседува регионот – признаено од УНЕСКО – мора да биде заштитено. Заштитувајќи го наследството на Охрид сега, ние исто така инвестираме во работни места и унапредувањето на услужните дејности сега и во иднина – напиша евроамбасадорот на Твитер.
На пораката одговори градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, заблагодарувајќи се на поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО.
– Упатувам јавна благодарност до амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир за неговата силна поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Особено сум горд што нашите стратешки партнери од ЕУ, ги препознаваат нашите заложби за почитување на законите и владеење на правото, со што ставаме крај на децениската деградација на крајбрежјето – напиша Георгиевски.