Mинистерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествуваше на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој кои се одржаа во Јордан истакна дека Европската банка за обнова и развој, но и други банки, како Европската инвестициска банка, сакаат да учествуваат во финансирање на изградбата на ветерници во Миравци и фотоволтаична централа во Осломеј.
– Во рамки на средбите зборувавме со различни меѓународни кредитори за проекти во обновливи извори на енергија, бидејќи приоритет на Владата е значајно зголемување на учеството на обновливите извори. Два значајни проекти за кои веќе имаме добиено позитивни сигнали од меѓународните инвестициски институции како ЕБОР и ЕИБ, дека сакаат да учествуваат во нивна реализација, се ветерната електрана Миравци и фотоволтаичната централа Осломеј. Веќе АД ЕЛЕМ работи на придвижување на работите и подготовка на документацијата- рече Тевдовски.
Тевдовски се обрати на панелот „Зелена инфраструктура“, на кој беа потенцирани придобивките од инвестициите во обновливите извори на енергија и вложувањата во комуналната инфраструктура.
– Придобивките се бројни и се однесуваат на економскиот раст, на привлекување приватни инвестиции, за отварање на нови работни места, но и секако за животната средина и за здравјето- рече Тевдовски.
На панелот свое обраќање имаше и претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти.
Во контекст на панелот, министерот за финансии најави уште еден крупен проект.
– Станува збор за Пречистителната станица во Скопје. Проектот би чинел околу 130 милиони евра. Од Европската инвестициска банка, ЕБОР и КфВ имаме добиено потврда за подготвеност од нивна страна да учествуваат во финансиската конструкција и очекуваме тендерирањето за овој проект да започне следната година- рече Тевдовски.
Министерот за финансии оствари средба и со потпретседателот на ЕБОР Пјер Хеилброн, како и со директорите за транспорт, енергетика и општински услуги на Банката за обнова и развој.