Денеска по повод Меѓународниот ден на жената, со почеток во 15 часот, од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне петтиот Марш за женските права.
Под слоганот: „Држава што не постапува е држава што силува“, на маршот ќе биде упатена порака дека не може жените да бидат слободни, кога сè уште се борат за своите работнички права, достоинство и почит, и живеат под закана од насилство и системска дискриминација.
– Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство, дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања – велат од организаторите на маршот.
Тие порачуваат дека Јавното обвинителство неодложно и темелно треба да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараат кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени. Организаторите на маршот се децидни дека сексуалното вознемирување преку интернет посебно треба да се регулира и во Кривичниот законик. Неопходно е и професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.
Маршот за правата на жените ќе се одвива според однапред определена рута, тргнувајќи од пред МВР, каде ќе има обраќање, а потоа до Паркот Жена Борец, каде ќе заврши маршот со обраќање до јавноста и институциите.
Маршот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.