Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кој треба да се најде на пленарна седница на Владата на 14 јануари, ги раскара сопартијците на собраниската расправа на Комисијата за здравство. Мислењата се екстремно спротивставени од оние на пратеникот Влатко Ѓорчев дека овој закон ќе стимулира употреба на дрога кај младите, па до оние на Маја Морачанин дека во многу европски земји законските регулативи дозволуваат контролирана употреба на билката канабис, барем оние видови што имаат медицински својства. Колку овој предлог-закон е направен во интерес на граѓаните или, пак, тој единствено ги штити бизнис-интересите на компаниите лиценцирани за извоз на сув цвет од канабис, разговараме со Филип Достовски од здружението „Зелена алтернатива“, кој со години се бори за декриминализација на канабисот и слободна употреба на маслото од канабис за медицински и рекреативни цели. Според него, овој закон има многу слабости, но сепак не се согласува со ставовите од комисиската расправа дека Македонија ќе стане Колумбија ако се дозволи извоз на канабис.
– Сакам да му порачам на пратеникот Влатко Ѓорчев да не глуми ангел со ореол и да се информира каде сè е дозволено луѓето дома да одгледуваат неколку стебла канабис за лична употреба. Дали Италија, Австрија и Чешка се Колумбија штом неодамна дозволија и ја либерализираа употребата на канабис преку политика на неказнивост граѓаните дома да одлегдуваат канабис? – вели Достовски.
Прохибицијата во 20-тите години на минатиот век во Америка беше во подем токму поради забраните на алкохолот, вели Достовски, кој тврди дека црниот пазар уште повеќе ќе се зголеми доколку не се дозволи контролирана употреба на канабис.
– Мала е таа разлика за употреба во медицински и во рекреативни цели, за некого можеби маслото од канабис е лек за несоница и тоа не е рекреативна употреба, а да не зборуваме за оние тешки дијагнози каде што е потврдено дека маслото лекува. Законот во оваа форма малку или воопшто не ги штити интересите на граѓаните и зошто овие компании ќе имаат право да извезуваат, а за потребите на нашиот пазар и побарувањата има ембарго – прашува Достовски.
Во интервјуто Достовски отворено зборува за пропустите во законот, за европските регулативи и апелира да се донесе закон што ќе биде од општ јавен интерес.