Министерот за здравство Венко Филипче ги соопшти дополнителните мерки и препораки на Владата, а во врска со коронавирусот.
Па така, библиотеките, студентски и ученички домови ќе престанат со работа во наредниве 14 дена. Утврдени се и категориите на хронично болни лица, кои треба да добијат потврда од матичен лекар – станува збор за болните од хронични респираторни болести, малигни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, дијабет еден.
Понатаму, им се препорачува на сите вработени лица во здравствениот сектор да не користат годишни одмори, како и платени и неплатени отсуства за време на овој период.
Министерството за здравство телефонскиот број на „Ало докторе“ ќе го пренамени во кол центар, со цел да се зголеми капацитетот за информирање за коронавирусот. Собранискиот канал и Македонската радиотелевизија ќе бидат должни на дневна основа да ги објавуваат сите заклучоци од Владата во врска со препораките за коронавирусот, исто како и државната агенција МИА.
Се задолжува и МВР во текот на денот да објави соопштение дека ќе има соодветни мерки за сите лица кои на социјалните медиуми објавуваат дезинформации во врска со коронавирусот и за сите медиуми кои истите ги преземаат и ги објавуваат.
Сите вработени во државниот и јавниот сектор, а по препорака и во локалната самоуправа и приватниот сектор кои имаат деца под 10 години и ќе отсуствуваат од работа, ќе треба да достават доказ за оправдано отсуство, односно потврда од градинката/училиштето, копија од патна исправа за возраста на детето, потврда за редовен ученик или копија од свидетелство.
Понатаму, ќе има засилени контроли при излез од земјата, а задолжителна ќе биде и дезинфекција на сите градинки и училишта.
Вработените во МВР, Министерството за одбрана, противпожарните екипи, вработените во домовите за стари лица се изземаат од овие мерки.