Институтот за комуникациски студии денеска ги додели наградите за најдобар медиумски производ на средношколскиот конкурс „Изрази се преку медиумите“, во ЕУ Инфоцентарот во Скопје. На настанот беа претставени најуспешните фотоприказни и видеа на тема „Сакам да живеам во чиста околина“, а беа соопштени и 15-те ученици кои во јуни ќе присуствуваат на неколкудневниот еко-камп во Струмица.
Трите најдобри проекти беа наградени. Третата награда и припадна на Вероника Кузманоска, втората награда ја поделија Сара Николова и Вероника Панова, додека првата награда ја понесе Берат Ахметај. Наградите ги врачи Рејчел Галовеј, британска амбасадорка во државава.
– Многу ми е драго што оваа година Обединетото Кралство го поддржува натпреварот за учениците од средните училишта за најдобри медиумски производи. Честитки за учениците и за вашата креативност и интерес за животната средина. Се согласувам со вас и сакам да живеам во чиста средина. Честитки за институтот што помага во образованието на новите генерации и новинари. Откако сум амбасадор овде, често ја слушам и читам дебатата низ целата земја за животната средина, загадувањето на воздухот, урбаното планирање, дали има доволно зеленило за повеќе кислород и за повеќе да уживаме. Сите тие се важни, затоа што нашите животи зависат од животната средина. Воздухот што го дишеме и храната што ја јадеме покажува дали и колку се грижиме за околината – вели амбасадорката Галовеј.
Средношколскиот конкурс „Изрази се преку медиуми“ се реализира како дел од кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии. Целта на кампањата е зголемување на притисокот кон јавните институции за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и поттикнување на граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции за прифаќање на концептот на одржлив развој.
– Околината е многу важна за британската амбасада во Република Македонија. Го поддржуваме Институтот за комуникациски студии и иницијативата за подобрување на околината „Не Игнорирај! Реагирај!“ Исто така ја поддржуваме и владата да направи одржливи стратегии кои се надеваме дека ќе овозможат подобри решенија и услуги за граѓаните и поеколошки полиси. Кога работиме сите заедно, постигнуваме повеќе. Проблемите за животната околина не треба да бидат проблеми само за експертите и за владите. Важно е да бидат вклучени и граѓаните, тие да се информираат и да ги идентификуваат проблемите, со цел да се превземе акција и да се помогне на идните генерации. Имаме само една планета и треба да се грижиме за неа – изјави амбасадорката Галовеј на крајот на нејзиното обраќање. В.Т.