Заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џафероски, во присуство на Амбасадорот на Република Албанија во земјава, Фатос Река, денеска во Владата им оддадоа почит на републичките сили за заштита и спасување, кои со одлука на Владата беа упатени во Албанија по катастрофалниот земјотрес.
Нашите тимови повеќе од 72 часа работеа на комплексни задачи за да им помогнат на локалните власти во спасување на преживеаните од земјотресот и расчистување на теренот.
Министерот Спасовски рече дека тажиме и сочувствуваме со сите погодени во оваа катастрофална трагедија, но и горди сме на нашите тимови кои покажаа врвна стручност и им понудија помош на оние на кои таа им беше најпотребна.
– Вашиот ангажман никогаш нема да биде заборавен како и фактот дека секогаш остануваме со подадена рака за поддршка за нашите соседи – рече на средбата министерот Спасовски.
Вицепремиерот Бујар Османи на средбата рече дека сликите од Албанија никого не можат да остават рамнодушен.
– Навистина видов дека вие работевте во исклучителни и животозагрозувачки околности со цел да им помогнете на настраданите. Со тоа го покажавте и вистинскиот имиџ на државата во чија суштина е солидарноста и помагањето – истакна Османи.
Директорот на ДЗС, Аднан Џафероски на средбата со припадниците на републичките сили за заштита и спасување кои учествуваа во акциите за спасување во Драч и другите места во Албанија, истакна дека целото општество е гордо на стручноста и пожртвуваноста овие тимови кои во изминатите години се обучуваа да одговорат на предизвиците соодветна реакција на сите природни катастрофи.
Амбасадорот Река, во име на Владата во Тирана искажа голема благодарност за понудената помош и се што беше сторено во многу тешка ситуација за албанскиот народ.
Тим лидерот на републичките сили за заштита и спасување, Ивица Наумовски рече дека македонскиот тим во Албанија, комбиниран од спасувачи, рудари, пожарникари и други стручни лица, на терен покажа подготвеност да се справи со тешка мисија, и во име на сите членови на тимот изрази сочувство до сите кои загинаа во катастрофалниот земјотрес.