Струшките рибари посочуваат дека риболовот на диво масовно се изведува од организирана група, а рибочуварите ангажирани од концесионерот на Охридско Езеро или замижуваат на оваа негативна појава или, пак, и самите се вклучуваат
Не запира рибокрадството во водите на Охридско Езеро, а некои од тамошните рибари обвинуваат дека во целата работа е вмешан концесионерот „Летница белвица“, кој, како што велат, врз нивниот труд и мака заработува огромни пари.
Рибарите посочуваат дека риболовот на диво се изведува од организирана група, а рибочуварите ангажирани од концесионерот или замижуваат на оваа негативна појава или, пак, и самите се учесници. Дека ловокрадството во Охридско Езеро е масовна појава потврдуваат и полициските билтени, според кои сѐ почесто се приведуваат рибокрадци.
Десетина рибари од струшко Радожда, кои беа ангажирани кај концесионерот, во изјава за „Нова Македонија“ тврдат дека фирмата што во моментов ја има концесијата за стопанисување со Охридско Езеро е сопственост на Милорад Чавкоски, кој тесно е поврзан со поранешниот концесионер „Пастрмка 2012“. Откога Чавкоски не ги намирил своите обврски кон нив, тие решиле јавно да зборуваат.
– Ваков грабеж, ваков криминал не се случува секој ден. Ни ја откупуваат рибата за 100 денари, а подоцна во нивните ресторани и рибарници ја продаваат за 500 денари. Згора на тоа, нè тераат да ловиме и на црно, за тие да остварат што поголем профит и да се луксузираат купувајќи џипови и автомобили. Нам ни даваат понекое ливче за предадената риба, а пари потоа не гледаме, или, пак, она што ќе ни го исплатат е многу помалку од договореното – револтирано вели еден од рибарите од Радожда, кој посака да остане анонимен.
Тој додава дека иако шест години работи за концесионерите, не е осигурен и има помалку од една година работен стаж.
– Не знам што прави државата. Треба да испрати инспектори да ја проверат целата ситуација тука. Работиме со месеци, а денар не сме зеле. Годишната плата ми изнесува 13.000 денари, значи по 1.000 денари месечно. Не знаеме што е тоа К-15, како ни платени придонеси. Одиме на доктор, оттаму ни велат дека ќе мора целосно да ги платиме трошоците оти не сме биле осигурени – се жали струшкиот рибар.
Според него, потконцесионерот често ги условува рибарите да ловат на црно, а доколку одбијат, им забранува да влезат во езерските води.
– Потконцесионерот бараше да му ловиме на црно, но одбивме и сега една група од десетина рибари сме без работа, а други лица продолжуваат со мрежи да го пустошат рибниот фонд и покрај забраните. Министерот нè сослуша и очекуваме нешто да преземе, а во меѓувреме ги повикуваме и другите институции да го испитаат криминалот што се случува тука – вели рибарот што посака анонимност.
Тој уште тврди дека имаат и документација со која, како што вели, се потврдува криминалот од огромни размери.
Инаку, фирмата „Летница белвица“ е концесионер што наредните шест години ќе стопанисува со рибниот фонд на Охридско Езеро. „Летница белвица“ е во сопственост на стружанецот Милорад Чавкоски, кој беше одговорно лице на струшката подружница на претходниот концесионер „Пастрмка 2012“ на Охридско Езеро, кој прво се откажа, а потоа и Владата пред повеќе од една година и трајно му ја одзеде концесијата поради неисполнување на дел од законските обврски.
Чавкоски повеќе години е концесионер и одговорен и за јагулата во Црн Дрим. Тој на електронската аукција за стопански риболов понудил надомест за концесија во вкупен износ од 9,92 милиони денари (161.340 евра) за период од шест години, а за рекреативен риболов концесиски надомест од 100 отсто од вредноста на издадените дозволи за рекреативен риболов за период од шест години.
Во меѓувреме „Нова Македонија“ побара став и од концесионерот „Летница белвица“, но на мобилниот телефон се вклучуваше автоматската секретарка. Од весникот контактиравме преку електронска пошта и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во врска со обвинувањата на струшките рибари дека концесионерот ја злоупотребува положбата, но до затворањето на весникот не беше испратен одговор.