Агенцијата за национална безбедност денеска организираше настан по повод две години од своето основање.
Настанот се одржа во присуство на претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, министерот за здравство, Венко Филипче, и бројни претставници на владините институции како и на независните тела партнери во соработката на Агенцијата.
На настанот се обрати директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски:
„Денес со задоволство можам да истакнам дека Агенцијата согласно целта за која е основана, веќе две години успешно ги штити националната безбедност, независноста, суверениетот, уставното уредување и основните права и слободи на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.
Свесни за нашата улога во безбедносно-разузнавачката заедница продолжуваме посветено да работиме на реформските процеси, согласно највисоките НАТО-стандарди, со цел наше натамошно усовршување и овозможување на брз и ефикасен одговор на ризиците и заканите по безбедноста на државата и граѓаните.
Длабоко сум уверен дека вработените во Агенцијата со својата стручност и професионализам ќе продолжат со реализација на уставните и законските надлежности преку успешно справување со тековните безбедносни предизвици на национално, регионално и глобално ниво со амбиции да станеме респектабилен и кредибилен партнер во областа на безбедноста на регионален и на поширок меѓународен план“, истакна Димовски.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека дури и во периоди на пандемија и буџетски кратења, изнајдени биле буџетски ресурси за да се покијат потребите на безбедносните служби.
„Безбедноста навистина нема цена. И ние како држава во минатото увидовме дека сето она што се смета за заштеда е само краткорочно, а вистинската инвестиција е во силни и професионални институции кои нема да зависат од ничија политичка волја.
Нашата задача како нова 30 -та членка на НАТО беше да покажеме дека сме држава со институции на кои може да им се верува. Процесот на таканаречен ветинг којшто го работеа неколку институции не беше лесен. Понекогаш тие одлуки влијаеја дури и на одлуките на Владата или на претседателот. Меѓутоа, тој процес беше неопходен. И тој процес покажа дека партнерите и сојузниците, во Северна Македонија навистина имаат и знаење и искуство, имаат и сила да носат одлуки коишто се професионални. Дозволете ми во оваа прилика да се заблагодарам и на НАТО, но и на партнерските земји коишто ни помогнаа во овој процес и ни овозможија да ги научиме лекциите, да не ги учиме премногу на наши грешки, туку да изградиме солидни институции“, нагласи Шекеринска.
На настанот, во име на Агенцијата беа доделени благодарници на низ институции кои помогнале во работата и кои безрезервно пружиле поддршка во спроведувањето на реформите.
Благодарници беа доделени на премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на ОТА, итн.
Во име на наградените се обрати министерот Спасовски, кој истакна дека станува збор за безбедносна институција која претставува суштествен фактор во заштитата на безбедноста на сите наши граѓани.
„Пред две години во самиот зачеток на формирањето на Агенцијата за национална безбедност на сите нас ни беше јасно дека тоа претставува еден исчекор напред и е важен политички момент за нашата држава, кога Агенцијата беше формирана како самостоен, но законски строго регулиран дел од безбедносниот систем, наместо дотогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР.
Ваквата реформа на безбедносно-разузнавачките служби, која беше нужност согласно препораките од Извештајот на Рајнхард Прибе, овозможи формирање агенција по сите европски и НАТО-стандарди, модерна и демократска институција.
Денеска две години подоцна АНБ е етаблирана и почитувана институција како во рамки на нашата држава така и во светски рамки. Задоволство ми е да истакнам дека ние како МВР имаме одлична соработка со АНБ и токму таа меѓусебна координација резултираше со низа успешни акции. Убеден сум дека оваа одлична соработка во интерес на граѓаните ќе продолжи и во иднина и со тоа заеднички ќе придонесеме за безбедноста на државата“, заклучи Спасовски.