На ред е ЕУ да возврати со одлучен чекор во насока на заеднички успех со нашите пријатели од Европа, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на вчерашната средба со министерот за надворешни и европски работи на Луксембург, Жан Аселборн, кој се наоѓа во работна посета на земјава.
– Поминавме период во кој презедовме храбри чекори и донесовме храбри одлуки. Имаме нова предлог-методологија за пристапни преговори, ажуриран извештај од Европската комисија, што недвосмислено и јасно го препознава напредокот и ја потврдува препораката за почеток на преговорите. На ред е ЕУ да возврати… – истакна Димитров.
Двајцата министри се согласија дека Македонија и Луксембург негуваат блиски и отворени билатерални односи, но ја истакнаа потребата за интензивирање на економско-трговската соработка преку привлекување странски инвестиции.