Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на тинк-тенк настанот на тема „Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан“ во организација на Прогрес-институтот за социјална демократија и во соработка со финската Фондација „Калеви Сорса“.
Димитров настапи на панелот посветен на идните сценарија за пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и се осврна на очекувањата на Македонија за наредниот период по разочарувачкиот исход од Советот на ЕУ одржан во октомври. Образложи дека Македонија останува посветена на реформските напори и одлучна да ги убеди земјите членки на ЕУ за што побрзо постигнување консензус за почеток на пристапните преговори со Македонија е во интерес не само за земјата и регионот туку и за самата ЕУ и за кредибилитетот на европската перспектива. Исто така, додаде дека во меѓувреме е добредојдена секоја идеја што ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни.
– Ако сакате да европеизирате еден регион што е географски во рамките на самата ЕУ и успешно да го комплетирате европскиот проект, немате луксуз да пропуштите да охрабрите европска енергија, реформи и култура на компромис во регион што е исклучително жеден и гладен за компромиси. Нашата драстичност го става под прашање кредибилитетот на политиките на ЕУ и оттука брзото донесување одлука за почеток на преговорите паралелно со квалитетно адресирање на грижите на одредени земји членки за самиот пристапен процес, е единствениот начин за победа и на наша страна и на страната на ЕУ – истакна Димитров.
Настанот претставува прв обид за вмрежување тинк-тенк организации од Западен Балкан со цел создавање простор во кој нивните претставниците ќе може да ги споделат своите ставови и експертизата за разни теми, како и добрите пракси од нивното работење. На панелот заедно со Димитров настапија и Антон Ронхолм, специјален советник на Тути Тупураинен, министерка за европски прашања на Финска, Флоријан Бибер, професор на студиите за Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац, Австрија, и Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика.