Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на покана на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), денеска учествуваше на регионалната конференција „Обновен наратив за забрзана интеграција во ЕУ”, како говорник на панелот „Иднината на ЕУ: Во кој правец се движи Европа во 2021?”.
Вицепремиерот Димитров се осврна на заложбите на земјава за интеграција во Европската Унија, вклучително и вложениот политички капитал на основа на европското ветување.
– Ниту една европска земја одделно не е доволно силна за справување со современите предизвици, единствениот начин е европскиот проект за обединување на континентот што без овој регион – Западниот Балкан, секогаш ќе биде нецелосен и недовршен. Северна Македонија е приказна на надеж за овој проект, така што нашиот (не)успех е (не)успех и за ЕУ, ако ЕУ е сила што влече за добро. Одговоривме на многу стриктни услови, време е да добиеме праведна валидација, ако ЕУ е заедница на вредности – рече Димитров.
Во тој контекст, дополни дека европскиот проект се темели на градење заеднички европски идентитет заснован на вредности како главна придобивка од процесот.
– Градењето на идентитетот е важно бидејќи лесно може да биде злоупотребено преку националистички наративи кои се всушност против националните интереси, како што беше во случајот со спорот за името што го имавме со Грција. Европа во 21-от век треба да подразбира натпревар на идеи и достигнувања коишто ќе го подобрат нашиот живот и ќе обезбедат подобра почетна позиција за идните генерации – области како владеење на правото, дигитализација, зелена економија. Не е пристојно да се предизвикува соседот за прашања кои се многу внатрешни и интимни, како што е јазикот, и не е корисно да ја жртвуваме нашата иднина за минатото и историјата – рече Димитров.
На панелот, како што соопштија од СЕП, се обратиле и европски политичари и млади либерали, меѓу кои европратеникот Илхан Ќучук, австрискиот пратеник Хелмут Брандштетер и француската пратеничка Лилиана Танги (преку видео конференциска врска) и испратиле порака дека европскиот проект мора да испорача успех преку македонското европско досие.
На маргините на конференцијата, вицепремиерот Димитров остварил средби со европратеникот Ќучук, на која биле разговарани актуелните прашања во врска со македонско-бугарските односи, како и со словенечкиот министер за економски развој и технологија Здравко Почивалшек, во контекст на продлабочување на економската соработка.