Со 16 секунди молк за 16-те години потрошени како земја кандидат за членство во ЕУ, вицепремиерот Никола Димитров го почна својот говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што се обрати како специјален гостин на есенската сесија.
„Наметнатите пречки на патот кон ЕУ од страна на Софија не се територијални, реформски, туку историски и јазични и директно засегаат во нашата идентитетска определба, но и во она што е душата на Европа и европскиот идентитет и имаат реални импликации во однос на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и континентот.
Во 21 век во Европа прашањето на мојот мајчин јазик не смее да биде во судир со напредокот на државата кон членството. Не, ако Европа е континент во кој се почитува културната и јазичната шареноликост, како што стои во Лисабонскиот договор.
Кој сум јас и каков јазик зборувам не се прашања на кои може да се дозволи кој било друг да има право на збор. Тоа е лично мое прашање. Во една демократија твојата држава не може да ти каже како се чувствуваш, а камоли некоја друга земја или организација“, порача Димитров.
Вицепремиерот истакна дека секој компромис доаѓа со политичка цена што се плаќа дома, но оти мислата водилка на вистинските лидери не се идните избори, туку идните генерации. Токму затоа, истакна Димитров, компромисите направени од страна на Северна Македонија значат заземање на вистинското место во историјата, но газење врз правото на самоопределување во ниеден случај не може да биде дел од компромис оти е спротивно на самата европска идеја.
„Затоа апелирам за одговорност и лидерство во Европа. Западен Балкан е составен дел на Европа, без европската перспектива е како соба во куќата што е отсечена од домаќинството и затоа пристапувањето во ЕУ е задача на регионот, но и задача на ЕУ и подразбира заемна одговорност. Европското неисполнување на ветувањата кон регионот го урива кредибилитетот на Унијата, а со тоа удира кон прогресивните сили, им се дава сила на националистите, а довербата на граѓаните опаѓа. Европа не смее да си дозволи да го изгуби регионот бидејќи единствената одржлива визија за иднината на овие земји е европската.
Војните од деведесеттите години на Балканот се цивилизациски пораз за нашиот континент. Живееме во време кога темелите на светскиот поредок се разнишани и непредвидливи, регионот е место на судир на разни геополитички сили. Европа треба да размисли дали повеќе ќе ја чини инвестицијата во интеграција на Западен Балкан или цената што ќе се плати со изоставување на регионот“, истакна Димитров.
На прашањето упатено од бугарската пратеничка Екатерина Захариева за мерките што ги презема Северна Македонија за справување со случаите на дискриминација и говор на омраза против граѓаните што се изјаснуваат како Бугари, Димитров одговори дека во Македонија нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност.
„Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во кој сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување.
Што се однесува до говорот на омраза, одговорно тврдам дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи. Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му ги оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство“, рече Димитров.