Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е уверен во како што вели, историското значење на Преспанскиот договор бидејќи истиот отвора можност за соработка меѓу двете држави, а тоа како што вели е инвестиција во стабилноста.
– Ние сме соседи и верувам дека долгорочно е многу важно соседите да ти се пријатели и поддржувачи. Се отклучи нашиот влез во НАТО, што е важно и ѝ дава сила на нашата земја, во еден регион што не е сосема „среден“. Тоа беше и еден чекор кон нашите преговори со ЕУ. Се отвори нова страница за соработка. Сега премиерите Заев и Мицотакис разговараа за големи проекти особено во областа на енергијата. Грција е многу важен трговски партнер и во Северна Македонија имаме големи грчки инвестиции. Уверен сум дека Договорот беше историски. Ќе бидат потребни години со цел да ја увидиме потребната историска дистанца за да го утврдиме неговото историско значење. Но, историјата ќе покаже дека бевме во право. Немам никаква дилема во тоа. Обично кога зборуваме за Преспанскиот договор се мисли на решавањето на проблемот со името. Но, договорот има и друга димензија што се однесува на јакнењето на соработката во сите области. И тоа беше инвестиција во стабилноста на регионот – вели Димитров во интервју за грчкиот весник „ Та Неа“.
Тој нагласува дека многу е важно знамето на Европската Унија да го опфати и Западниот Балкан, бидејќи според него тоа е прашање на заокружување на процесот на обединување на Европа.
– Не мислам дека Европа може да биде обединета без еден регион кој е во рамки на нејзините граници. Луѓето во Западна Европа обично кога зборуваат за Западниот Балкан сметаат дека тоа е регион што се граничи со Европа, но во реалноста тоа е регион што е опкружен со земји-членки на ЕУ. Нашата географија, нашата економија е дел од Европа. И Западниот Балкан и Европа ќе бидат подобри ако знамето на ЕУ го покрие и овој регион. Имаме заеднички интереси во областа на безбедноста и тоа не се ограничува само на безбедноста на Балканот, туку и на безбедносните ризици во Европа – потенцира Димитров.
Осврнувајќи се на блокадата од Бугарија, Димитров посочи дека надминувањето на овие прашања е многу битно и за двете држави, конечно и за самата ЕУ.
– Она што го научив од Преспанскиот договор е дека преговорите ќе бидат успешни доколку и двата соседи се победници. И мислам дека правиме сѐ што можеме за да го постигнеме тоа и со Бугарија. Имаме разлики. Некои од прашањата што ги поставува Бугарија не се целосно во склад со европските вредности. Јас сум сосема уверен дека ќе има успех и за Северна Македонија и за Бугарија и за ЕУ – смета вицепремиерот за европски прашања.
Коментирајќи го неодамнешниот нон-пејпер за промена на границите на Балканот, Димитров укажа дека секое бледнеење на европската визија за овој регион, раѓа компетитивни визии за иднината, поради што ЕУ мора одлучно да дејствува.
– Овој таканаречен нон-пејпер предизвика дискусија што ја сметам за опасна. Визијата за Балканот треба да биде европска каде границите сѐ помалку имаат значење. Сметам дека на регионот не му требаат поголеми држави туку величествени европски демократии и економии. Ваквите агенди јакнат затоа што слабее европската идеја за обединет европски Балкан во обединета Европа. Јас се обидувам да го активирам „ѕвоното на опасноста – кажа Димитров.