На средбата со домаќинот, германскиот министер за Европа, Михаел Рот, вицепремиерот Никола Димитров денеска во Берлин ја пренесе загриженоста од македонска страна дека секое понатамошно одолговлекување со почетокот на преговорите со ЕУ може да предизвика зголемена недоверба кон европската перспектива, не само на Северна Македонија туку и регионот. Тој нагласи дека е потребно да се преземат одлучни чекори за да се надминат сите непринципиелни барања, со цел земјата што е можно побрзо да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција.
– Проблематизирањето на идентитетските обележја на еден народ како што е јазикот и условувањето истото да биде дел од пристапниот процес, не само што претставува своевиден ултиматум, туку и оправдана причина за намалување на довербата на македонската јавност кон евроинтерациите. Би сакал да верувам дека Германија со својата препознатлива упорност, заедно со земјите од Триото и, се разбира, со нашите напори, ќе успееме сегашното разочарување да го претвориме во политички успех – истакна тој.
Димитров и Рот разменија мислења и околу плановите за одржувањето на Самитот во Берлин во рамките на Берлинскиот процес планиран оваа година и заеднички се согласија дека оваа иницијатива е значајна за регионот и неговото поврзување, особено преку активностите посветени на елиминирање на пазарните бариери.