На Универзитетската клиника за детски болести се вработија 40 медицински сестри со што делумно се надмина проблемот, но има потреба да се вработат уште толкав број поради спецификата на детската возраст и потребата од поголем број средно медицински персонал за поддршка на децата и на родителите. Има потреба и од доктори, истакна денеска директорката на таа јавна здравствена установа, Катарина Ставриќ.
– Добиено е вработување на доктори специјалисти и специјализанти дел од кои се планираат за Хемато-онколошкиот оддел, како и ново барање за вработување медицински сестри – додаде Ставриќ одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Дневниот центар за психо-социјална поддршка на децата заболени од малигни болести на Детска клиника.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека како и досега во договор со директорите на клиниките ги евалуираат потребите за доктори и медицински сестри во Скопје, но и во сите јавни здравствени установи во внатрешноста.
– Во изминатиот период е вработен значаен број медицински персонал, следен чекор е распишување на државните специјализации и тоа исклучиво во септември кога ќе се завршат сите административни процедури, а после деталното утврдување на бројот на специјалисти кој е потребен во сите јавни здравствени установи, потенцира Филипче.
Тој смета дека со овој чекор одат во насока на значајно зајакнување на здравствениот систем и тоа што ќе продолжат во континуитет да го прават е следење на состојбата, анализа на тоа кои доктори од кои специјалности и во следниот период ќе треба да се пензионираат и врз основа на тоа да ги планираат и спедните вработувања и специјализации.