Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп беше одбележан Денот на АРМ – 18 Август. На одбележувањето присуствуваа градоначалниците од пелагонискиот регион, претседателот на Советот на Општина Прилеп, претставници од Сојузот на борци, јавните претпријатија и други јавни институции од градот со кои единицата има соработка.
На присутните им се обрати командантот на касарната потполковник Ѓорѓи Василевски, кој истакна дека историјата на Армијата со години ја определувала постојаната борба за слобода и меѓународно признавање.
– Годинава, кога славиме 27 години зрелост, нема и не можеме да ја сокриеме радоста
дека сме на прагот да влеземе во најголемиот политичко-воен сојуз – НАТО алијансата. Ние војниците, како никој друг повеќе, знаеме дека мирот е драгоцен и дека мора да биде зачуван без обзир на се. Со влезот во НАТО, нашиот суверенитет ќе биде гарантиран од 29 членки, нашиот глас ќе се чуе појасно и погласно, а нашата Армија ќе стане посилна. Ќе бидеме дел од семејство на држави кои делат исти вредности и погледи на модерниот свет и глобалниот мир. Во НАТО влегуваме, со најдоброто што го имаме, а тоа е човечката и стручна димензија на Армијата – нејзините припадници – истакна потполковник Василевски.
По повод празникот на поголем број старешини и цивилни лица им беа доделени унапредувања,награди и стимулативни мерки. Ка.М.