Во пресрет на зимската сезона, кога веќе концентрацијата на штетни честички во воздухот е зголемена, придонесот кон загадувањето од страна на дотраените возила, особено оние на дизел-гориво, е значителен. Токму процесот на декарбонизација овозможува внатрешно чистење на моторот, што придонесува за негово подобро работење и, што е најважно, намалена емисија на штетни честички
Повеќето студии покажаа дека меѓу главните виновници за загадениот воздух се и возилата, со оглед на фактот дека нивната просечна старост во земјава изнесува 18 години.
Владата веќе најави субвенции за оние граѓани што ќе вградат во своите автомобили плински уреди или уреди на метан, а кои не се постари од 2005 година, што, секако, е потег во вистинска насока.
Но, од друга страна, останува отворено прашањето како да се намали загадувањето од возилата што се постари од 15 години, а кои ги има многу во сообраќајот, чии сопственици се со помали примања и бараат од државата и ним да им помогне.
Токму тие се најголемите загадувачи на воздухот, бидејќи се придвижуваат преку дотраени мотори, најчесто на дизел, не поседуваат катализатори, така што и согорената смеса што се исфрла од моторот содржи зголемено количество штетни материи.
– Имам старо возило од 1991 година. Тоа досега добро ме служеше, но годините си го прават своето и забележувам дека повеќе чади од ауспухот. Не можам да аплицирам за владините субвенции за плински уреди оти автомобилот ми е стар, а немам финансиска моќ да го репарирам моторот. Се плашам дека ако се воведе некаква забрана за движење на постарите возила во деновите со големо загадување, нема да можам да ги носам децата во градинка – вели Дејан Јанкуловски од скопско Драчево.
Автомеханичарите тврдат дека можат секој мотор да го доведат во фабричка состојба без оглед на староста на возилото, со што автомобилот ќе биде со подобри перформанси и нема толку да загадува.
– Старите мотори се дотраени и потребно е да се освежат. Без исклучоци, секогаш кога сум ремонтирал мотор при отворањето се забележува големо количество наслаги во делот кај вентилите и главата на моторот. Наслаги има и врз челото на клиповите, така што сите тие нечистотии создаваат моторот да работи со помали перформанси, да е понестабилен при работењето и во издувот да има повеќе чад – вели Љупчо Новевски, автомеханичар.
Тој додава дека кога целосно ќе го ремонтира моторот, дури и да е старо возилото повеќе од 20 години, двигателот се доведува во состојба како кога бил нов и многу помалку загадува, односно ги добива фабричките перформанси.
– Кога ќе се направи квалитетен ремонт, што опфаќа промена на клучните делови, клиповите, лагерите, дотраените гумички, кога ќе се исчистат главата и вентилите, тогаш нема зошто моторот да не работи добро, но луѓето со постари возила се со послаба финансиска моќ и се решаваат да го заменат само она што е најнеопходно и не се постигнува целосен ефект од ремонтот – нагласува Новевски.
За оние со поплиток џеб постои т.н. процес на декарбонизација, со кој се овозможува внатрешно чистење на моторот, без да се отвора, што придонесува за негово подобро работење и, што е најважно, намалена емисија на штетни честички. Процесот чини 3.000 денари и токму тука државата преку субвенции може да ѝ помогне и на оваа категорија граѓани, со што ќе се овозможи намалена емисија на штетни честички во воздухот од издувите на постарите автомобили, но и од камионите и автобусите.
Постапката „Декарбонизација на мотор“ претставува чистење на внатрешноста на моторот од наслаги, контролирана со вшприцување поголемо количество гас, соединение меѓу водород и кислород преку вшмукувачката грана на моторот за мотори со внатрешно согорување што како погонско гориво користат дизел, бензин, ТНГ или метан. На овој начин само за половина час се отстрануваат сите валканици од внатрешноста на моторот.
Експертите во делот на работењето на моторите со внатрешно согорување сметаат дека овој метод ќе придонесе за намалување на загадувањето предизвикано од постарите автомобили, но дека најголем ефект ќе се постигне со обновата на возниот парк.
– Декарбонизацијата секако дека ќе придонесе за намалување на потрошувачката на гориво и со тоа помала емисија на штетни честички во воздухот, но главниот проблем е што речиси сите постари возила немаат исправен катализатор. И да направите декарбонизација, ако катализаторот не е исправен, повторно ќе има загадување – смета Иво Дукоски, професор на Техничкиот факултет во Битола.
Според него, најдобар ефект би се постигнал со обнова на застарениот возен парк преку поповолни кредити со ниски каматни стапки.