Пожарот во Делчевско е активен и создадени се две нови жаришта и тоа во селото Разловци, на местото викано Чокалица, додека другата локација е во атарот на село Тработивиште и Нов Истевник, над Света Вода.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и на двете локации интервенираат противпожарни екипи, припадници на Армијата, полициски службеници и вработени во шумските стопанства.
Пожарот во Пехчево кај Бајаз Тепе е исто така активен и тој се проширува кон општина Берово, на непристапен терен околу селото Будинарци. На овој пожар се интервенира со припадници на Армијата, месното население, како и припадници на екипите за помош од Австрија и Словенија.
Во врска со пожари се интервенира и на неколку локации во Скопско, поточно селата Раовиќ и Буковиќ каде гори мешана шума, Петровец – село Дивље каде гори дабова шума и денеска ќе се интервенира од воздух поради што им пренесено на екипите да се повлечат од местото на пожарот.
Пожари има и во Прилепско и Велешко каде веќе се испратени екипи да делуваат.