Деактивирање на мерките за здравствена безбедност, но сѐ уште е во сила кризната состојба
Епидемиолошката состојба со ковид-19 во земјава е стабилна и дозволува олабавување на мерките, препорача неодамна министерот за здравство Венко Филипче. Епидемиолозите препорачаа, Владата прифати – од средата целосно се повлечени антикорона-рестрикциите. Мерките за борба против пандемијата прекинаа да важат, а животот во државата пополека, но сигурно почнува да се враќа во нормала. Се укина полицискиот час, не е задолжително носењето маски на отворено, се дозволија свадбите и концертите, иако со посебен протокол. Дозволено е и одржување настани на отворено со максимум 1.000 посетители.
Стимулот за стопанството и граѓаните е планирано да продолжи
Во меѓувреме, додека надлежните органи носат мерки за постепено либерализирање на животот во земјата, сѐ уште е активна кризната состојба. Имено, според заклучоците на последната владина седница на оваа тема, рокот за завршување на кризната состојба во земјава е 31 декември 2021 година. За потсетување, овој чекор на Владата беше донесен на 13. седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, каде што се утврди одлуката за одобрување на продолжувањето на рокот за постоење кризна состојба на територијата на Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемијата прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест ковид-19. Оваа одлука потоа беше предадена во Собранието, кое го одобри продолжувањето на рокот за постоење на кризната состојба.
Од Владата за „Нова Македонија“ информираат дека се посветени за поддршка на стопанството и на граѓаните.
– Особено од аспект на поддршка за време на здравствено-економската криза од ковид-19. Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните е планирано да продолжи сѐ додека има потреба, односно сѐ додека економијата целосно не заздрави. Впрочем и препораките на Меѓународниот монетарен фонд се фискалниот стимул да продолжи за стопанството и граѓаните сѐ додека има потреба за тоа, токму тоа го прават сите економии и во светот и во регионот. Владата на Република Северна Македонија од почетокот на здравствено-економската криза креира сеопфатни мерки во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции, за да се зачува ликвидноста на компаниите, за да креира мерки за спас на секое работно место. Покрај економски мерки, Оперативниот план за вработување за 2021 година, кој е во вредност од близу 25 милиони евра (4 милиони повеќе од претходната година) во своите програми ќе ги опфати сите оние што, за жал, во оваа светска криза ги изгубија своите работни места. Тоа се 25 милиони евра за нивно брзо враќање на пазарот на трудот. Нивното враќање на пазарот на трудот е инклузивно и поттикнува рамномерен регионален развој. Основниот принцип на планот за вработување ќе ги опфати оние што изгубиле работа за време на корона-кризата – велат од Владата.
Оттаму додаваат дека еден од главните приоритети на Владата е исплаќање на платите на оние вработени што работат во загрозените индустрии во државата.
Според Владата, вториот приоритет е дали работодавачите ќе им ги исплатат платите на вработените.
– Средствата ќе им ги дадеме на работодавачите за да исплатат плати, тоа е нивна законска обврска. Креиравме шест пакети економски мерки, наменети за граѓаните и за компаниите, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството. Со поддршката којашто ја овозможи Владата за засегнатите дејности, зачувавме најмалку 80.000 работни места и поддржавме околу 15.000 претпријатија погодени од кризата со финансирање дел од платата на двапати по три месеци. Владата го презентираше Оперативниот план за 2021 година за активни програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот, кој за оваа година изнесува 1,5 милијарда денари и со него ќе бидат опфатени 10.279 лица. Целта на Оперативниот план е различни ранливи категории невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица што ја загубиле работата поради корона-кризата, побрзо и полесно да пристапат на пазарот на трудот. Заложбата на Владата е, и натаму останува, да ја подобрува функционалноста на државата – се вели во одговорот.
Оттаму напоменуваат дека освен преку економски мерки, државата преку Интервентниот план за инвестиции планира амбициозна инвестициска агенда што ќе значи работа за фирмите и нивна поддршка, закрепнување на економијата.
Од Владата резимираат дека имунизацијата на населението и спроведувањето на здравствените политики за грижа на граѓаните не се поврзани со кризната состојба и тие се одвиваат во континуитет.
Државата треба соодветно да реагира и по укинување на кризната состојба
Универзитетските професори, политиколози, но и политички аналитичари со кои се консултиравме советуваат дека доколку постои можност, државата треба навремено да реагира и да ја укине кризната состојба во земјата.
Според нив, тоа ќе биде добредојдено за транспарентноста на демократските процеси што следуваат, а се поврзани со пописот и локалните избори, кои треба да се спроведат наесен. Тие советуваат дека дури и да се укинат кризните мерки, Владата во наредниот период треба да продолжи со своите економски политики да го стимулира развојот на нашата економија, која претрпи тешки удари.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека во моментов како што стојат работите нашата земја нема никаква потреба од долго функционирање на кризната состојба во Македонија.
– Државата пополека, но сигурно напредува во процесот со имунизација на населението, со што во одредена точка огромен процент од граѓаните ќе бидат имуни на заразувањето. Тоа, пак, доколку здравствените власти проценат дека е поволно, остава можност да се прогласи крај на пандемијата и животот да се врати во нормала. За потсетување, во регионот соседна Србија и Словенија веќе прогласија крај на пандемијата, а со тоа ги укинаа и кризните состојби, сепак тоа не ги спречи властите во овие земји и натаму да продолжуваат да си ги практикуваат нивните неопходни економски политики за помош и закрепнување на нивната економија. Па врз основа на овие примери верувам дека треба да се однесува и Македонија – вели Стефаноски.
Тој додава дека ако се укине кризната состојба, тоа позитивно ќе се одрази во демократска и транспарентна смисла и на претстојниот попис и локални избори.
– На ваков начин ќе се зголеми транспарентноста на процесите и ќе се намали можноста некоја од партиите во иднина ако не е задоволна од резултатите да ги критикува процесите од нивна перспектива и ќе се намали можност да се изнесуваат во јавноста тврдења дека со кризната состојба се манипулира или дека на овие битни процеси за земјата и за пописот и за изборите не се почитуваат здравствените протоколи – резимира Стефаноски.
Продолжување на економските пакети за економијата од страна на Владата и по завршување на пандемијата
Универзитетскиот професор од Економскиот факултет, Ванчо Узунов, вели дека ако се анализираат моменталните состојби во кои е Македонија, ќе се забележи дека ние фактички сме во последните фази во кои можеме да прогласиме крај на пандемијата.
– Многу е логично летово, ако сѐ се одвива по испланираната динамика на државата, Македонија веќе да биде во состојба, која по многу нешта ќе наликува на онаа од пред пандемијата – вели професорот.
Узунов мисли дека ако кризната состојба во државата, која е во сила во овој момент, се задржи и наредните месеци, тоа треба да ја стимулира и натаму Владата да продолжи со економските пакети да ѝ помага на нашата економија. Професорот додава дека овие состојби за економска помош на претпријатијата, поради сензитивноста на периодот што е зад нас, би требало да продолжат дури и во периодот кога и ќе се укине мерката за кризна состојба.