Препораките на Комисијата за заразни болести продолжуваат Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот конзул во Италија го информирал министерот за здравство Венко Филипче дека со оглед на тоа што училиштата и универзитетите таму се затворени до 15 март годинава, голем број македонски државјани сакаат да се вратат во земјава

Препораката да не се организираат јавни собири и спортските натпревари да се одржуваат без публика ќе важи уште една недела, односно до 13 март годинава, информира вчера министерот за здравство Венко Филипче, откога во Европа почна нагло да се зголемува бројот на заразените од коронавирусот.
Владата минатата недела ја донесе препораката со важност до 6 март, но според Филипче, по состанокот со епидемиолози и стручни лица од Управувачкиот комитет во Центарот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести, се предлага мерката да се продолжи.

– Мерката се должи на фактот дека бројката на заразени со коронавирус се зголемува, и според последните податоци од Светската здравствена организација, во Европа стигна до 4.250, што е за илјада повеќе од претходно. Трансмисијата е локална, во нашиот регион има еден случај во Словенија и два во Република Српска – изјави Филипче.

Тој разговарал и со македонскиот конзул во Северна Италија, кој му рекол дека со оглед на тоа дека училиштата и универзитетите таму се затворени до 15 март годинава, голем број македонски државјани сакаат да се вратат во земјава.
– Ќе се разговара со нив, тоа ќе се направи со претходна најава, за подобра координација на здравствените власти – посочи Филипче.

Министерот додаде дека разговарал и со мобилните оператори и оти работат на техничко решение со кое сите странци што влегуваат во земјава, штом ќе се приклучат на некоја од нашите мрежи ќе бидат известени со посебна порака што да преземат ако почувствуваат симптоми на коронавирус.

Патниците што од вчера доаѓаат во земјава со авионите на „Визер“ од Милано и од Тревизо на аеродромите во Скопје и во Охрид пополнуваат здравствена локатор-карта. Патниците ги пополнуваат прашалниците во авионите, и тоа е, како што беше објаснето, стандардна процедура при вакви ситуации.


Двајца странци изолирани во скопски хотел

Двајца странски државјани, сместени во хотел во центарот на Скопје, се изолирани во нивните соби под надзор на епидемиолозите, откако пријавиле дека два дена имаат симптоми слични на настинка.
– Едниот е државјанин на Австралија, а другиот на Сингапур. Во Скопје дошле на 28 февруари годинава со авион на „Визер“ од Келн. Екипа епидемиолози прави разговор, што правеле во Скопје. Засега ќе останат во хотелската соба – објасни Филипче.