Фото: Маја Јаневска-Илиева

По долготрајниот топол и сув период следува освежување со поројни дождови и со силни грмотевици, а бидејќи ризикот од удар на гром е значително поголем во текот на летните месеци, кога повеќе луѓе се наоѓаат на плажите, во планините или на спортските терени, експертите советуваат да не се седи на отворени места туку на заштитени, онаму каде што има громобрани…

По топлотниот бран ни следува освежување со поројни дождови и со силни грмотевици. Променливо и нестабилно време нѐ очекува наредниот период. Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира сончево и топло време со мала до умерена облачност. Наместа ќе има локален пороен дожд и грмежи, особено во западните делови. Позначителна промена на времето се очекуваше уште кон крајот на викендот или најдоцна денеска за кога во поголем дел од земјава се најавени поројни врнежи од дожд со силни грмежи и засилен северен ветер, а локално се можни и поинтензивни процеси во форма на невреме.

Пред неколку дена невремето и грмотевиците усмртија маж од Дебар на 35-годишна возраст над селото Локов, Струшко. Полицијата соопшти дека мажот напасувал стока и најверојатно починал од удар на гром. Постојано низ медиумите циркулираат информации за жртви погодени од громови. „Бројот на жртви во серијата громови што во два дена ја погодија источна Индија надмина 90“. „Најмалку 29 лица одеднаш загинаа од громови во Африка“. „Громови и поројни дождови однесоа 37 животи во Пекинг“. „Во Колумбија повредени 77 војници од гром“. „Гром усмртил 55-годишна жена од Србија додека берела сливи на семејниот имот“. „Во Србија двајца мажи починале на самото место откако додека ловеле риба удрил гром“.

Ова се само некои од вестите што ги пренесуваа медиумите изминативе месеци и години. Минатата недела невремето што ги зафати Сплит и околината го одзеде животот на младо момче. Како што информираа хрватските медиуми, момчето го погодил гром додека излегувало од морето. Иако брзата помош стигнала на местото на несреќата за брзо време, момчето починало. – Кога молњата ќе удри во морето, нејзината струја, поради добрата спроводливост на морската вода, се шири во сите правци. Младиот човек се нашол на патот кон тој проток. Една од основните работи во моите предавања за лична заштита од молња е дека не треба да се капете за време на бурните временски услови, ниту да бидете во чамец.. Ниту да возите велосипед и камион. Едноставно, не треба да стоите над земјата.

Добро е да се засолните во длабоката шума или под далноводот, но не и под осамено дрво или во близината на метален столб – објаснува Славко Вујевиќ, професор по електротехника во Србија. Тој додава дека на Балканот има околу 40 денови на грмотевици, во Шведска само 10, а на Еквадор 200. И интересен е фактот што тој истакнува дека во 84 проценти од случаите, ударите од молња се врз мажи. Имено, жените се попаметни и имаат тенденција да се скријат ако има грмотевици. Иако статистиката вели дека веројатноста да те удри гром е минимална, во светот, според една процена, 25.000 луѓе годишно умираат од громови, според друга, 6.000 лица годишно. Ризикот е значително поголем во текот на летните месеци, кога повеќе луѓе се наоѓаат на плажите, во планините или на спортските терени.

Затоа метеоролозите советуваат да не се седи на отворени места туку на заштитени, онаму каде што има громобрани. Кога се подготвува невреме сите треба да најдат соодветно засолниште. Сите луѓе на отворено, без разлика дали се на велосипед, мотоцикл или автомобил со кренат покрив, се во опасност да бидат погодени од гром. – Доколку ве зафати невреме на отворено, веднаш побарајте цврсто засолниште, а ако нема, обидете се да ги избегнете празните делови од ридот или планината, избегнувајте отворени полиња, плажи и пливање во водата. Секако, избегнувајте места во близината на осамени дрвја, електрични и телефонски столбови. Ако риболовите извадете ја веднаш трската. Во затворени автомобили сте сигурни. Затворете ги прозорите, не излегувајте надвор и не допирајте метални предмети. Причекајте 15 минути додека да помине невремето, па потоа излезете.

Држете се настрана од метални огради и мрежи, и избегнувајте носење метални предмети – велат експертите. Места што нудат најдобра заштита се пештери, јами, но не и плитки пештери во мокри карпи. Не барајте заштита во поголеми групи луѓе. Најдобрата положба е да потклекнете, навалувајќи се напред, ставајќи ги рацете околу колената, држејќи ги нозете што е можно поблиску до телото. Во оваа положба се намалува висината на телото и мал дел допира до земјата. Ако не можете поинаку, седнете со нозете што е можно поблиску до вашето тело. Во ниту еден случај не легнувајте. Во шумите каде што дрвјата се со еднаква висина помала е опасноста за удар од гром.

Сепак, оддалечете се од дрвјата што стрчат и од работ на шумата. Доколку за време на невреме се најдете во затворена просторија, нема опасност ако објектот има громобранова инсталација. Но во секој случај избегнувајте да стоите покрај прозорци, на отворени врати, метални столбови, предмети како што се чешми, електрични прекинувачи и не користете го вашиот телефон или мобилен телефон за време на невреме. Кај објектите што немаат громобран или им е стар и пред санација, важат други правила, така што потребно е избегнување секакви метални делови што се поврзани со надворешноста на зградата, како електрична, гас, телефонска, водоводна, антенска инсталација, инсталација на централно греење… Не користете телефони. Извлечете ги електричните апарати од штекер како што се телевизор, компјутер, печатач, факс, радио. Не туширајте се, не перете и не мијте садови. Во камени и дрвени куќи, кои немаат громобранска заштита, најсигурното место е средината на просторијата во потклекната позиција. И држете се на растојание од металните делови на оградите.


Сто удари од гром во секунда на планетата

Секоја секунда има 100 удари од гром на планетата Земја. Во просек, тоа се околу 8 милиони удари на гром дневно или 3 милијарди годишно. Но молњите не се рамномерно распоредени низ целиот свет. Секој континент, со исклучок на замрзнатите делови на Антарктикот, има жаришта на громови – обично делови што се судираат со воздушни маси или планини. Африка е најпогоден континент.