Додека на нивото на Европската Унија сѐ уште најмногу се вози на бензински погон и се форсира користењето алтернативни горива за возилата, во Македонија бројот на возилата на дизел го надмина бројот на бензинците
Користењето на возилата придвижувани на бензин и натаму е поголемо во однос на оние на дизел во Европската Унија, додека во Македонија, каде што повеќето градови во текот на зимските месеци уриваат рекорди според нивото на загадувањето, дизел-возилата ги претекнаа бензинците, покажуваат податоците на Евростат. Во минатото овој однос и во земјава беше во полза на бензинците, но состојбите драстично се променија по одлуката на поранешната влада да дозволи увоз на постари возила, при што повеќето од нив беа токму на дизел, гориво што се покажа како еден од најголемите загадувачи на природната средина.
Истражувањето на Евростат покажува дека во 13 од 24 земји-членки што доставиле податоци, повеќе од половината возила се на бензин. Разликата во полза на бензинот е највисока на Кипар (84 отсто), по што следуваат Финска (74 отсто) и Данска (69 отсто).
Возилата придвижувани на дизел го надминаа прагот од 50 отсто во Франција (68 отсто), Литванија (67 отсто), Луксембург (62 отсто), Белгија (58 отсто), Шпанија и Австрија (по 57 отсто), Летонија и Португалија (по 56 отсто), како и Ирска (53 отсто).
Употребата на алтернативни горива, како струјата, природниот гас, биогоривата и други, е највисока во Полска (15 отсто), Литванија (9 отсто) и во Италија и Летонија (по 8 отсто).
Евростат утврдил дека во Македонија возилата на дизел ги претекнаа оние на бензин, додека помалку од пет проценти се оние што користат алтернативни горива, најчесто течен нафтен гас, попознат како плин.
Во 2012 година, од вкупно 301 илјада автомобили во земјава, помалку од една третина, или 92.799 автомобили, биле на дизел. Таа бројка е во постојан раст и во 2016 година во Македонија има вкупно 192.816 автомобили на дизел, што е речиси половина од вкупниот број автомобили и се изедначува со бројот на бензински возила, кој изнесува 197.880 возила.
Од податоците на „Мак стат“ од Државниот завод за статистика за 2018 година може да се утврди дека дизел-возилата во земјава стануваат побројни од бензинците, односно нивната бројка изнесува 208.805 наспроти 194.384 бензинци.
Оваа разлика веројатно и ќе се зголемува, со оглед на фактот дека на плацевите за половни возила има многу повеќе дизел-автомобили во понудата отколку бензинци, така што надежите за поздрава животна средина барем во делот на возилата не се многу големи.
– Интересот за дизел-возилата кај нас е многу голем поради тоа што нашите граѓани се убедени дека станува збор за издржливи возила со мала потрошувачка. Токму поради тие причини и најмногу увезовме од овие возила – вели вработен на еден скопски плац за половни возила.
Дополнително загрижува фактот што македонските граѓани не се премногу заинтересирани да инвестираат во возила на алтернативни горива, пред сè на течниот нафтен гас.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2018 година комбинирано на бензин-гас возеле 11.706 возила, што е премала бројка со оглед на обемот на загадување со кое се соочува државата. Во таа насока се очекува субвенционирањето за вградување плински уреди во возилата да ја подобри статистиката во делот на возила на алтернативен погон.
– Ако зборуваме за цврсти честички од сообраќајот, тие доминантно доаѓаат од дизелот, а многу помалку од возила што користат бензин, додека, пак, возилата што користат гас се смета дека имаат речиси нула емисија на цврсти честички – смета професорот Даме Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје.
Според него, од дизел-возилата, критични се или големите автобуси и камиони што имаат големи мотори или оние што поминуваат голема километража, како разни превозници, комбиња или таксисти.
Автомобилската индустрија, соочена со сè порестриктивните политики во поглед на дозволената емисија на штетни гасови, се свртува кон алтернативните горива, пред сè кон електричните возила. Македонија заостанува во тој поглед, но има простор преку субвенционирање да го зголеми процентот на возила што би возеле на течен нафтен гас и метан. Тоа секако ќе придонесе барем малку да се подобри состојбата со загадениот воздух во градовите, а бенефиција би имале и граѓаните поради пониската цена на ова гориво.