Упис на нови деца градинките засега нема да прават, зашто го чекаат официјалното отворање, кое беше предвидено за почетокот на овој месец, но поради прогласувањето на новата вонредна состојба од 14 дена, на 30 мај годинава, од страна на претседателот Стево Пендаровски, која треба да трае до 13 јуни годинава, и отворањето на градинките беше одложено
Приоритет на детските градинки ќе биде згрижувањето на децата што веќе ги посетувале овие установи пред тие да бидат затворени, како дел од мерките за заштита од ширење на коронавирусот на почетокот на март годинава. Упис на нови деца градинките засега нема да прават, зашто го чекаат официјалното отворање, кое беше предвидено за почетокот на овој месец, но поради прогласувањето на новата вонредна состојба од 14 дена, на 30 мај годинава, од страна на претседателот Стево Пендаровски, која треба да трае до 13 јуни годинава, и отворањето на градинките беше одложено.
Во меѓувреме, во градинките се преземаат сите потребни мерки, дезинфекција на сите простории и на дворните места, за прифаќање на дечињата кога ќе биде донесена одлука за нивното отворање.
Надлежните од градинките велат дека сега само ги примаат молбите од родителите за упис на нови деца, подготвуваат списоци за нив, но за тие деца може да се очекува дека ќе почнат да ги посетуваат дури од септември годинава.
Елена Устаметова, директорката на градинката „Бубамара“ во скопската населба Аеродром, објаснува како би требало да бидат згрижени децата по отворањето на градинките.
– Според протоколите, групите за поголемите деца треба да згрижат најмногу до 15 деца, а во јаслите до шест бебиња. Нѐ посетуваа 1.390 деца, од кои 330 годинава ја напуштаат градинката и стануваат првачиња. Така капацитетите на градинката се ослободуваат за упис на нови деца – објаснува директорката Устаметова.
Според неа, досега пристигнале 100 молби од родители што сакаат да ги запишат своите деца во таа градинка.
– Со оглед дека сѐ уште не сме отворени, не можеме да вршиме упис на нови деца. Сите барања од родителите се за упис од септември или од октомври годинава. Разговараме со секој родител поединечно, за да им излеземе во пресрет на сите, со оглед на ситуацијата – посочува директорката.
Прашањето за отворање на градинките сѐ уште претставува голем проблем за родителите што мора да одат на работа а немаат каде да ги остават децата во текот на денот. Некои од нив се соочуваат со сериозни проблеми, од една страна со закани од работодавците дека може да останат без работа, од друга страна ги мачи грижата за децата што немаат каде да ги остават на чување.
Инаку, изминатиот период се правеше скрининг на вработените во градинките низ земјава, на кој, како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, нема позитивни резултати на ковид-19 на вработените во скопските градинки, но имаше неколку случаи во другите градови низ земјава.