Македонија го одби барањето на Бугарија за вонредна средба на Комисијата за историски и образовни прашања помеѓу двете држави, на која требаше да се забрзаат напорите за решавање на недоразбирањата, особено во поглед на ликот и делото на Гоце Делчев, објавува „Софија глоуб“.
Копретседателот на бугарската страна на Комисијата, претходно испратил барање за состанување на ова тело пред крајот на месецов.
Барањето на Димитров уследи по апелот на бугарскиот премиер Бојко Борисов, за време на посетата на Скопје, за комисијата да донесе резултати до октомври, односно да не ги одложува средбите, туку да работи на дневна основа.
Бугарските медиуми известија дека во одговорот од македонската страна е наведено оти состанувањето на комисијата не е можно поради летните одмори. Тие наведуваат дека следната средба ќе се одржи на 12 или на 13 септември.
ЕУ ја одложи одлуката за почнување на пристапните преговори со Македонија и со Албанија за октомври кога се очекува повторно да се состанат шефовите на дипломатиите на Унијата.