ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТ – ИСТРАЖУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА (2)
Дејан Азески
Првпат по триесет години е направена компаративна анализа (заедничко истражување) за состојбите со мешаните бракови во двете најмултиетнички држави на Балканот: Македонија и БиХ, која истовремено се објавува во дневните весници „Нова Македонија“ и „Ослобоѓење Сараево“, во нивните викенд-изданија. Авторите Суада Арнаутовиќ и Дејан Азески успеаја да пронајдат по пет случаи на јавни личности во мешани бракови и преку нивните примери да ги анализираат состојбите во двете држави. Фељтонот за етнички мешани бракови го продолжуваме со приказната за прочуениот македонски дует од Белград – Ѓорги Желчевски и Кевсер Селимова.
Веројатно не постои човек постар од 40 години на територијата на поранешна Југославија што не слушнал за веќе легендарниот пејачки тандем Желчески- Селимова. Се работи за убедливо најдобрите амбасадори на македонската изворна музика како во Белград така и на целиот Балкан, но и во дијаспората каде што живеат иселеници од овие краишта.
Ѓорги Желчески, кого го познавам од поодамна, ме пречека на Плоштадот на републиката во Белград, или кај популарниот коњаник (статуа на Михајло Обреновиќ). По начинот на спортското движење, со доза мала „прилепска ароганција“, го познав уште оддалеку. Инаку, се работи за човек роден во 1938 година, кому по бистрината на мозокот и физичката кондиција во која се наоѓа не би му дале ниту 38 години.
Го пофали моето познавање на Белград, а јас му се пожалив на маката што ја имам со падежите во српскиот јазик.
„Не грижи се, јас 58 години сум тука и уште не успеав да ги научам докрај“.
Така почна нашиот повеќечасовен разговор.
ТАНДЕМОТ СЕЛИМОВА-ЖЕЛЧЕСКИ СЕ СОЗДАДЕ СЛУЧАЈНО НА ТУРНЕЈА И НЕ СЕ РАЗДЕЛИ ОД 1960 ГОДИНА
Желчески ни раскажа дека многу помладата Кевсер Селимова првпат ја забележал како вработен во Радио Скопје и ја оценил како одличен вокал. Па, така, при една турнеја низ Југославија, кога случајно поради интересни причини останале без пејачка, по негов предлог Кевсер била додадена на групата музичари од Македонија. Тогаш тие, во Шабац, првпат се спојуваат како пејачки дует и никогаш повеќе не се разделуваат.
– Прво треба да се знае дека музичкиот дует Желчески-Селимова настана многу пред да влеземе ние во брак. Кевсер и јас бевме посебно изградени соло-пејачи и како такви влеговме во нашата заедничка работа. Јас кратко по нашето запознавање имав среќа да се преселам во Белград и тука да продолжам со забрзано темпо да ја градам кариерата, а, по игра на случајот, и Кевсер дојде веднаш во мене, па нашата соработка од Скопје, како со некоја виша сила, се пресели тука – почнува Желчевски.
Всушност, се случува земјотресот во Скопје, и Кевсер со нејзиното семејство е евакуирана во Лесковац. Благодарение на заеднички пријатели, таа е донесена во Белград, каде што уште веднаш започнува музичка кариера заедно со Желчески, но и самостојно.
– Ние бевме многу независни. И јас и Кевсер за брзо време успеавме да дојдеме до наши станови. Тоа беа помали станчиња, но си имавме два. И така речиси дваесетина години ние бевме во професионална, подоцна и љубовна врска, но не бевме во брак – се присетува Желчевски.
Тој раскажува дека долги години не сакал да се жени и уживал во слободите на ергенскиот живот во големиот град, но дека дошло време кога посакал да има деца.
– Кога ѝи ја кажав мојата идеја на Кевсер, таа беше децидна дека не сака во очите на мојата фамилија да изгледа како жена што ме излажала да добиеме дете и со тоа ме принудила на брак. Затоа, побара прво да ја формализираме нашата врска, а потоа да создадеме и потомство
И навистина излезе така. Ќерката Ана е родена во 1980 година како плод на долгогодишната љубов на славниот дует – вели Желчевски.
ГОЛЕМИОТ ГРАД И ГОЛЕМАТА И НАПРЕДНА ДРЖАВА НЀ ЗАШТИТИЈА ОД ПРЕДРАСУДИТЕ
Конечно дојдовме и до нашето клучно но доста проблематично прашање, кое моравме да му го поставиме на Желчески. Дали имале проблеми со околината поради изборот на партнер од друга религија?
– Апсолутно, долу во Македонија не беше едноставно. Се поставуваа за тоа време некои логични прашања. Од каде од толку жени во Македонија и Југославија, да се избере баш Турчинка? Од другата страна, зошто Македонец, па уште и малку повозрасен? И тие муабети доаѓа до нас, но веројатно затоа што живеевме во голем град не нѐ погодуваа толку и ние си продолжувавме по наше – вели познатиот пејач.
Според Желчески, Белград и Југославија биле идеални места за живот во мешана брачна заедница.
– За разлика од нашите семејства во Македонија, тука, еве, четириесет години во брак и цели 60 години живот никој не нѐ прашал ниту мене ниту Кевсер што правиме заедно. Едноставно, да не е она презиме Селимова, кое намерно сакавме да го задржиме, никој не би ни знаел дека ние сме мешан брак. Едноставно, Белград беше и остана едно космополитско место во кое живеат космополитски луѓе и овој град навистина им нуди мир на сите што сакаат да го живеат животот по свој избор – ни изјави Желчевски.
Сепак, го потсетивме Желчески на една постара изјава на неговата сограѓанка и колешка Лепа Брена дека во 1990-тите години се чувствувала како да поминува низ пекол по рајот од 1980-тите.
– Да, веројатно е така. Во тие тешки години и луѓето од овој град не можеше, а да не бидат засегнати од тоа лудило. Но, сепак, тука секогаш космполитизмот бил на највисоко ниво, а предрасудите на најниско. Белград и денес е таков град. Можеби не е толку доминантно понапред како во минатото, кога беше престолнина на една голема и моќна држава, но, сепак, има задржано многу од својата магија – нагласува Желчевски.
Децата од мешаните бракови имаат големи предности
Ќерката на Желчевски и Селимова, Ана, е еден од најпознатите туристички и бизнис-водичи во Србија, но и во соседна Турција. Веројатно и не ѝ е толку тешко да биде успешна, бидејќи уште од најмали нозе е роден полиглот.
– Дома зборувавме на македонски јазик, а покрај мајка ѝ многу лесно го совлада и турскиот. Бидејќи живеевме во Србија, нормално, го учеше и српскиот, а потоа одлучи да го научи и италијанскиот. Англискиот е нормална работа овие денови. Така што речиси ги знае сите јазици- вели нашиот соговорник.
Според Желчески, ова не е случај само со нивната ќерка, туку и децата на други родители од мешани националности, ако ништо друго, уште од мали зборуваат по два јазика и ја знаат и почитуваат културата на две нации.