Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Најпосакувани дестинации за македонските лекари се Австрија, Германија, Швајцарија, Франција и скандинавските земји. Најмногу, пак, заминуваат анестезиолози, хирурзи и патолози, кои и најмногу недостигаат во здравствените установи во Македонија

Миграцијата на здравствениот кадар, конкретно на лекарите од земјите од Западен Балкан во развиените западноевропски држави, континуирано е во подем. Клучните фактори поради кои лекарите, особено младите специјалисти, ги напуштаат матичните земји и се селат во странство се невработеноста на лекарите, незадоволството од висината на платите, општествениот углед, напредувањето во кариерата, постојаните обвинувања за корумпираност на оваа фела… Најпосакувани дестинации за македонските лекари се Австрија, Германија, Швајцарија, Франција и скандинавските земји. Најмногу, пак, заминуваат анестезиолози, хирурзи и патолози, кои најмногу и недостигаат во здравствените установи во Македонија.

Докторката Елена Цветиновска, членка на Здружението на лекари специјализанти, вели дека миграцијата на доктори е глобален проблем, кој последниве години многу ја погодил и нашата земја. Таа вели дека последните бројки, за првата половина од оваа година, говорат за зголемен одлив на македонските лекари, за дури 20 отсто во изминатите година.

– Докторите од Македонија најмногу одат да работат во болниците во Германија. Постојат агенции за вработување од таму што посредуваат со нашите доктори, им обезбедуваат полесно одење таму, како сместување, забрзан курс по германски јазик, контакт со болницата каде што ќе работат. Помалку одат во скандинавските земји поради јазичната бариера. Наши доктори има и во Катар, Либан, Саудиска Арабија – посочува д-р Цветиновска.

Според неа, докторите од Европа, како на пример тие од Велика Британија, најмногу одат во Австралија и Нов Зеланд, каде што добиваат поголеми плати и имаат помалку работни часови. Многу европски доктори одат и во Америка, каде што можат полесно да се усовршуваат во научната дејност.

– Докторите од регионот, како Хрватска и Словенија, најмногу мигрираат во скандинавските земји. Поради близината на земјите, многу често се случува да одат на дежурство за викенд во болниците во Австрија или во Германија – објаснува таа.
Доктор Калина Гривчева Старделова, претседателката на Лекарската комора, вели дека не постои прецизна бројка за тоа колку лекари отишле да работат надвор од земјава. Во согласност со своите надлежности, Лекарската комора им издава потврда на докторите дека се членови на комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора. Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти, како и на оние што заминуваат да живеат и работат надвор. Така, во 2018 година биле издадени 190 такви потврди, а до септември оваа година 147 потврди. Но, според претседателката на комората, овие бројки не ја прават реалната слика за одливот на лекарскиот кадар од земјава.

– Состојбата е загрижувачка, зашто кај нас одливот на лекарски кадар е поголем отколку приливот што го имаме. Прилив имаме на наши државјани што се школувале во Бугарија, па сега доаѓаат тука да работат. Прилив има и од доктори од Косово и Албанија, како и стручен кадар што доаѓа на одредено време да врши обуки на наши доктори – посочува доктор Гривчева Старделова.

Според докторите, во момент на речиси незапирлива миграција на, пред сè, младите лекари, една од најприоритетните мерки што треба да се преземе е обезбедувањето финансиска стабилност на докторската фела.

Само со целосно и посветено залагање на здравствените власти за подигање на достоинството и сатисфакцијата кај докторите може да се направи вистински исчекор во реформите за кои сите несебично се залагаме: реформи што ќе обезбедат долгорочна гаранција и стабилна основа за идни подобрувања, реформи што ќе ја намалат миграцијата и ќе обезбедат цврст механизам за презервација на веќе разнишаниот здравствен систем со кој се соочуваат не само здравствените работници туку и пациентите, посочуваат докторите, истакнувајќи оти игнорирањето на ваквата состојба е контрапродуктивно и води кон поголема криза во здравствениот систем.


Германија вложува во здравството

Според германските медиуми, Германија е светски признаена како прва водечка земја во финансирање здравствени проекти, истражувања и висококвалитетно обучување млади лекари. Бројот на лекари во Германија е зголемен, а се очекува оваа бројка да продолжи да се зголемува. Официјално, најмногу лекари недостигаат во руралните подрачја и сиромашните градски населби.

[email protected]