Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПРВ ДЕН УПИСИ ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ

Со новиот конкурс оваа година се отворени 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Од нив, 11 паралелки се од веќе постојни програми, додека дури 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училиштата и компаниите што изразија подготвеност да примаат ученици на практична обука директно на работно место

Започнаа уписите во училиштата за средно образование, во согласност со конкурсот што го објави во март Министерството за образование и наука (МОН). Од информациите за она што на првиот ден се случува во училиштата, голем интерес има за гимназиите, како и секоја година, но директорите на средните стручни училишта се задоволни од интересот.
– Поднесувањето документи започна точно напладне, по одреден протокол. За секаде кај нас има интерес, сите пунктови се полни. Во нашето училиште има сообраќајна струка каде што можат да се запишат 161 ученик, потоа електротехничка струка каде што има место за 204 ученици, како и машинска струка каде што има место за 93 ученици – информира Александар Сибиновски, директор на средното стручно училиште „Владо Тасевски“.

Силвана Кржовска, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“, вели дека како и секоја година во ова училиште има голем интерес.
– Во првиот уписен рок очекуваме да се пополни квотата. Кај нас има подрачја, па најчесто кандидатите го избираат општествено-хуманистичкото подрачје. Уписите се во тек, сѐ е во ред, учениците и родителите влегуваат по азбучен ред. Немаме метежи, нема неправилности. Првиот уписен рок трае четири дена – вели директорката.

Конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2021/2022 година, односно уписната политика, првпат годинава е креиран преку интензивна соработка помеѓу МОН, локалните самоуправи и бизнис-заедницата во земјава.
– Со тоа се увиде потребата за отворање нови образовни профили и паралелки во училиштата, а имплементацијата ќе биде поддржана со значително поголем износ на буџетски средства споредбено со изминатите години. Во согласност со конкурсот, во 109 средни училишта има вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование, во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование, во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко-информатичка гимназија – велат од Министерството за образование и наука.

Со новиот конкурс, оваа година се отворени 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Од нив, 11 паралелки се од веќе постојни програми, додека дури 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училиштата и компаниите што изразија подготвеност да примаат ученици на практична обука директно на работно место. МОН апелираше деветтоодделенците да го направат изборот на образование по сопствено убедување, во согласност со личните афинитети, предиспозиции и интерес кон одредена област, но секогаш да ја имаат предвид и информацијата за тоа колку одреден тип образование нуди можности за вработување и безбедна и перспективна иднина.