НЕПОЗНАТИ ДЕЛОВИ ОД СВЕТЛАТА ИСТОРИЈА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Ако новинарството е огледало на времето што се живее, тогаш и проблемите што се јавуваат низ минатото се белег на тоа време. Појавата на првиот дневен весник на македонски јазик во сѐ уште целосно неослободената Македонија била исполнета со ентузијазам и полетен романтизам.

Подготвил: Сталин Лозановски

На Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година во Прохор Пчињски, за службен јазик во новата држава бил прогласен македонскиот јазик. Активностите потоа за натамошното уредување на државата се одвиваат во велешкото село Горно Врановци, каде што било седиштето на повеќето органи на новата власт. Така, на седницата на президиумот, која се одржувала од 2 до 5 септември 1944 година, било донесено и решение за издавање дневен весник на македонски јазик. Така е родена „Нова Македонија“, но носењето на оваа одлука било полесниот дел од работата, а за надминување на проблемот во наредните месеци биле формирани две-три јазични комисии за унификација на македонскиот јазик и македонската азбука. Дотогаш, со привремено решение, весникот ќе се подготвува и печати на јазик чија основа е охридско-битолскиот дијалект. За главен редактор на весникот бил назначен Васил Ивановски, член на агитпропот уште во Прохор Пчињски, близок соработник на Веселинка Малинска и истакнат публицист, теоретичар и афирматор на македонскиот национален идентитет. Така, кога сѐ било подготвено и готово, на 29 октомври 1944 година, од печатницата „Гоце Делчев“ во Горно Врановци светлината на денот ја дочека првиот број на првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“. На голема радост на сите, осумте странички отпечатени во три илјади примероци биле разграбани.

На радоста не се воздржал ни тогашниот секретар на Комунистичката партија на Македонија и претседател на Владата, Лазар Колишевски, кој со примерок од весникот в рака се пофалил во Белград, кај тогашниот министер за просвета и член на ЦК на КПЈ, Милован Ѓилас. Тој реагирал уште побесно кога здогледал на каков јазик и со каква азбука е испечатен весникот (а не на азбуката на Вук Караџиќ, на што инсистирале тој и тогашниот револуционер и поет Радован Зоговиќ). Наредил редакторот веднаш да биде сменет и, нормално, Колишевски веднаш ја спровел наредбата во дело и Васил Ивановски го распоредил за заменик-министер за социјална политика.

„Нова Македонија“ во наредниот период, поради технички причини, излегува седмично, а за нејзиното уредување се грижи колективно тело како заедничка редакција, но без ниеден потписник. Така било до 15 септември 1945 година, кога на насловната страница на весникот како главен уредник е потпишан истакнатиот македонски публицист Мито Хаџивасилев-Јасмин. Кариерата и работното место на првиот главен уредник на весникот Васил Ивановски биле само два-три месеци подготовки и издавање само на првиот број. Нигде никој и никаде подоцна не објавил ни збор за смената и за причините. Васил Ивановски по неколку месеци побарал од Колишевски да му биде дозволено да се врати во Бугарија, каде што работел на повеќе работни места, а подолго време престојувал во затвори, доживеал болна старост и во 1992 година, на 86-годишна возраст, починал во Софија.


Кој бил Васил Ивановски?

За првиот главен редактор на „Нова Македонија“ до неодамна речиси воопшто не можеше да се најдат какви било податоци. Тој ја доживеа судбината на македонските револуционери, по неговиот метеорски раст, да биде „изеден“ од суровата политика на револуционерното дело, за што се бореше и го посвети целиот свој живот. Не само што е заборавен туку и како да се инсистирало да не се споменуваат неговиот лик и дело. Познатиот историчар Стојан Киселиновски во својата книга „Дејци на ВМРО и КПЈ во Македонија“ го квалификува како „деец на македонското национално движење (комунистичка левица – национална ориентација)“ и во десетина реда го опишува неговиот револуционерен пат. Некои податоци за животниот и револуционерен пат на В. Ивановски објавува и историчарот Димче Аџи Митрески во фељтонот „Портрети на македонските емигранти“, објавен во „Нова Македонија“ од 7 до 13 јануари 1993 година. Дури неодамна, академик Иван Катарџиев, во издание на МАНУ, објави двотомна книга во кој првпат целосно се прикажани животот и делото на овој македонски револуционер. Првиот том е „Васил Ивановски како борец за идеалот за слободна и обединета Македонија на Балканот и како автор на првата историја на Македонија од Антиката до АСНОМ“, а во вториот том се преиздадени неговите вредни публицистички трудови и документи што го потврдуваат неговиот богат револуционерен опус.

Васил Ивановски е роден на 18 септември 1906 година во костурското село Ловраде. Целото село било вклучено во револуционерното дело, па затоа како одмазда било целосно запалено. Истата судбина ја доживува и новото место на живеење, селото Рупиште, во околината на Костур. Оттогаш Васил ја дели судбината на раселените бегалци, но и во тие страдања е посветен на борбата на својот народ за правдина и национално самоопределување. Член е на синдикатите во Пловдив и раководи со штрајкувачките одбори. На 16 години станува член на Комсомолската организација, а по една година станува и член на партијата на бугарските комунисти. Се обидува како театарски артист, а избран е и за претседател на Прогресивната македонска емиграција во Пловдив. Престојува во Одеса и Тбилиси, а кога е испратен на студии во Москва е примен за член на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз. Самоиницијативно се стекнува со солидни познавања од историското минато на македонскиот народ, па во тој период (1935 г.) ја објавува статијата „Зошто ние, Македонците, сме одделна нација“, објавена на повеќе балкански и светски јазици и дистрибуирана во дијаспората. По враќањето во Пловдив и Софија е избран за член на Централниот комитет на ВМРО (Обединета), раководи со легалниот и нелегалниот печат на ВМРО (Обединета), а станува и нејзин секретар. Постојано е гонет и затворан, а при еден обид да скокне од полициската станица, ги скршил двете нозе. Во февруари-март 1943 година, со група од 400 политички затвореници, Македонци и Бугари од затворите низ тогашна Бугарија, префрлен е во скопскиот затвор „Идризово“.

Средбата со политичките затвореници од Македонија за Васил е нова можност најнепосредно да се запознае со вистинската борба за национално осамостојување на Македонија. Како искусен интелектуалец и револуционер пред затворениците држи курсеви за македонската историја, па со диктирање во затворските зандани ја испишуваат првата историја на Македонија, која се дистрибуирала и во други затвори, но и до раководството на НОВ. Тоа уште повеќе ги зголемило неговиот авторитет и углед, па во првата погодна пригода е префрлен во слободната територија во Прохор Пчињски. Избран е за член на АСНОМ и во Одделението за пропаганда. Така продолжува и во Горно Врановци, каде што е именуван за прв редактор на првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“.


Антологиска карикатура

Истакнатиот македонски ликовен уметник и карикатурист Василие Поповиќ-Цицо бил член на Одделението за агитација и пропаганда при Главниот штаб на НОВ и на Президиумот во Горно Врановци. Во октомври 1944 година учествувал во подготовките за издавање на „Нова Македонија“. Во тоа време ја осмислил и изработил познатата карикатура, во која се „насликани“ и, на нему својствен сатирично-хумористичен начин, прикажани сите членови на агитпропот, всушност, сите видни новинари и културни работници од тоа време. Карикатурата може слободно да се нарече антологиска за првите денови на македонското новинарство. Ликовите од карикатурата, по 60 години, со помош на Илија Милчин, ги одгатнал и во книга ги публикувал охридскиот професор по литература, д-р Стојан Ристески („Пред карикатурата – Асоцијации“, Ирис Струга, 2004).

Во галеријата од ликови на карикатурата се: 1. Василие Поповиќ-Цицо, 2. Владо Малески, 3. Блаже Конески, 4. Лазар Соколов, 5. Илија Топаловски-Аврам, 6. Диме Бојаноски-Дизе, 7. Веселинка Малинска, 8. Петар Богданов-Кочко, 9. Киро Хаџивасилев, 11. Васил Атанасов-Ивановски-Бистришки (качен на перодршка, како десна рака на раководителката Малинска), 13. Перо Коробар, 14. Славко Јаневски. Броевите 10 и 12 не се идентификувани, а може да бидат Лазар Мојсов, некој Бојан, или Панко Брашнаров.