Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска и утре во седиштето на НАТО во Брисел, заедно со министрите за одбрана на сојузничките земји учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет.
– Денеска го имаме првиот состанок на министрите за одбрана на НАТО со физичко присуство по почетокот на пандемијата, но ова е и наша прва шанса на ваков состанок откако сме членка на НАТО. Клучните теми се темите кои што секогаш предизвикуваат интерес, а тоа е геополитичките предизвици на Алијансата, соработката со ЕУ но и сите партнери коишто ги споделуваат истите вредности и се разбира главно – политиката за одвраќање на НАТО што подразбира поголема кохезија, поголемо присуство на НАТО и соодветни политики кои што треба да ги формулираме во пресрет на мадридскиот самит – рече Шекеринска пред почетокот на состаноците.
Министерката додаде дека министрите за одбрана ќе ја продолжат работата во насока на документот НАТО 2030 и унапредувањето на структурата на НАТО, а ќе биде отворена и дискусија во поглед на лекциите кои што Алијансата може да ги научи од искуството во Авганистан.
Пред првата сесија на Северноатлантскиот совет Шекеринска се сретна со министерката за одбрана на Шпанија Маргарита Роблес, на средбата на која беше потврдена заложбата на двете земји за поинтензивна одбранбена соработка, особено во доменот на обуките и едукацијата, воените вежби, справувањето со хибридните закани и дезинформациите.
На маргините на Северноатлантскиот совет, министерката се сретна со министерот за одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ на која стана збор за безбедноста и стабилноста на регионот, како и предизвиците со кои се соочува Балканот.