„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали и како Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на нејзините преземени канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква. Во таа насока, се нагласи и дека Вселенската патријаршија ќе ја следи црковната аналогија од признавањето на Украинската црква за МПЦ. Со последните изјави на вселенскиот патријарх, очигледно е дека каноните попуштаат пред црковната политика и дипломатијата, нешто слично како што меѓународното право попушта пред политикантството и интересите на големите сили

Желбите за брзо решавање на канонскиот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија добиваат ново, да веруваме „забавено темпо“ по кое во следниот период ќе се движи Вселенската патријаршија, откако се соочи со отпор од православните цркви по признавањето на Украинската православна црква. Дали вселенскиот патријарх се откажал од признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија или, пак, ја менува стратегијата откако со соочи со отпорот на Руската православна црква за признавањето на украинската автокефалност? Дали сега и МПЦ треба да побара алтернативна стратегија за да дојде до томосот за автокефалност?

Токму последното интервју на вселенскиот патријарх Вартоломеј дадено за српска „Политика“ ги изненади македонските црковни власти, но и јавноста, зашто во него вели дека нема да врши упад во црковните граници на Српската православна црква без претходна согласност и нечија желба такво нешто да се направи. Таквиот став на патријархот Вартоломеј е големо изненадување за македонската јавност ако се земе предвид ставот на Вселенската патријаршија и на дел од тамошните владици искажани пред само неколку месеци дека секоја држава и народ заслужуваат своја автокефална црква, па така и Црна Гора и Македонија.

Во истиот тој контекст беше и позитивниот став на вселенскиот патријарх изразен минатата година, кога го доби писмото од МПЦ и од премиерот на државата, Зоран Заев и одговори дека ќе се заложи за канонскиот статус на нашата црква.
Ова последно интервју за некои од верските аналитичари во Македонија претставува и негово повлекување од решавање на долгогодишните проблеми во православието, но други, пак веруваат дека станува збор за дипломатски потег за да ги смири реакциите во СПЦ, која по признавањето на Украинската црква, плашејќи се дека може да бидат признаени македонската и црногорската автокефалност жестоко го напаѓаше вселенскиот патријарх и на тој начин застана на страната на Руската црква.

На 6 јануари оваа година вселенскиот патријарх Вартоломеј ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква, по што следуваа поделени реакции во православниот свет. Руската црква остро реагираш на оваа одлука на вселенскиот патријарх, истакнувајќи дека е резултат на политички и лични амбиции, како и дека томосот за автокефалност е потпишан со кршење на каноните и нема канонска сила.
„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали и како Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на нејзините преземени канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.

Во таа насока, се нагласи и дека Вселенската патријаршија ќе ја следи црковната аналогија од признавањето на Украинската црква за МПЦ.

Во еден дел од интервјуто дадено за српски медиум вселенскиот патријарх се осврнува и на прашањето за Македонската црква, каде што вешто и со дипломатски речник ја посочува разликата меѓу црковните спорови во Украина со оние во Македонија и Црна Гора. Патријархот Вартоломеј во интервјуто, МПЦ ја ословува како црква во Скопје и во Охрид. Не даде конкретни детали дали и како ќе постапи по случајот со МПЦ.

Стриктно посочи дека Вселенската патријаршија нема намера да го менува Уставот на Српската православна црква, ниту нејзините граници, доколку тоа не е проследено со спогодба или со соработка. ВП никогаш не ги пречекорила границите на другите цркви, освен ако за тоа не постојат соодветни услови и поголема црковна потреба.

– Некои го идентификуваат случајот со Украина со тој во Скопје и во Црна Гора и тоа многу вешто го прават, зашто сакаат СПЦ да ја свртат против Вселенската патријаршија. Колку што ни е позната многу владици од СПЦ се воздржани во поглед на Украина од страв дека она што таму се случи може да се повтори во Црна Гора и Охрид. Но ве уверувам дека состојбите не се такви. Српската православна црква има конкретни географски граници. Кога државната територија на Србија се проширила, нашите браќа Срби се обратиле до Вселенската патријаршија и побарале овие нови области црковно да припаднат под нивна јурисдикција. Вселенската патријаршија позитивно одговорила и овие области ги отстапила со посебен томос, што не е случај со Руската црква, која застанала на почвата на Вселенската патријаршија, не добивајќи за тоа некое канонско отстапување. Така, разликата во поглед на Украина, канонски и еклисиолошки (црковно) е во тоа што Русија упаднала и ја окупирала Киевската митрополија, а тоа никогаш не ѝ било отстапено, додека Србија сето она што го има ѝ припаѓа и канонски и еклисиолошки – објаснува вселенскиот патријарх во интервјуто. Одговарајќи на прашањето за обвинувањата дека со доделување на украинската автокефалност се поставил над другите помесни цркви, патријархот Вартоломеј истакнува дека во свеста на православната црква не постои источен папа, како ниту во нивната мисла и служба.

– Секој вселенски патријарх служи, не еднострано и самоволно, туку во соработка и заедно одлучувајќи со Светиот синод. Словенските народи ги сакам и ги почитувам нивната побожност и вера. Факт е дека некои од нив не ја прифаќаат улогата на водството на мајката-црква. Но нивното негирање не влијае на нашата љубов кон нив – додава патријархот Вартоломеј.

Од друга страна, пак, верските аналитичари велат дека изјавата на патријархот Вартоломеј треба да се чита и низ дипломатски речник, особено ако се земе предвид дека станува збор за интервју дадено за српски медиум. Според нив, важен е фактот дека Вартоломеј не негира дека се можни промени на границите на СПЦ, но вели дека за тоа е потребна соработка, со што индиректно ја отвора можноста да решавање на македонското црковно прашање и на маса да ја врати СПЦ.

– Патријархот Вартоломеј веројатно соочен со големиот отпор откако ја призна автокефалноста на Украинската црква, а во насока на претпазливост да не предизвика нови потреси во православието сега зборува за соработка со СПЦ, а тоа може да се рефлектира и во решавањето на прашањето во Македонија. Со самото тоа, тој потврдува дека во Македонија постои проблем што не е решен од самата СПЦ, но во кој правец ќе се одвиваат работите и со кое темпо тешко е да се предвиди – додаваат аналитичарите.


Секоја држава и нација да имаат своја автокефална црква!

Архиепископот на Вселенската патријаршија, Данило, кој беше дел од процесот за признавање на украинската автокефалност, по одлуката за издавање томос за Украинската црква изјавил дека го поддржува правото Македонија и Црна Гора да имаат свои автокефални цркви.
– Ја поддржувам тезата дека секоја нација и секоја држава, кои сакаат православна црква, имаат право да ја основаат и да побараат признавање на својата црква од другите православни цркви, вклучувајќи ги Македонија и Црна Гора – истакнал архиепископот од Вселенската патријаршија.


Повлекување од томосот за МПЦ?!

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека ваквите изјави на вселенскиот патријарх покажуваат дека веројатно му е важно да не се внесува нов раздор меѓу православните цркви по признавањето на Украинската автокефалност, како и дека ќе продолжи да работи на нејзино прифаќање од другите цркви. Но Ѓорѓевски се двоуми дека тоа ќе оди потешко, ако овие негови изјави би значеле повлекување од решавање на македонското црковно прашање.
– Ставот на патријархот Вартоломеј секако дека е разочарувачки за МПЦ, како и за сите нејзини и наши надежи дека ќе добие автокефалност. Ова доаѓа по она охрабрувачко ставање во процедура на барањето на МПЦ од страна на ВП. Ако немаше подготвеност од ВП да се вмеша во овој спор, тоа барање немаше да биде земено во процедура, зашто како што вели патријархот Вартоломеј во ова интервју, дека не сака да го менува Уставот и границите на СПЦ. Јасно е дека се случило отстапување на патријархот од неговата решителност да ги решава долгогодишните спорови во православието. Причината за тоа веројатно е дека проценил дека блокот на руски цркви е пресилен за него и сега се повлекува. Но каков кредибилитет и позиција во православието ќе има, ако тој сега се повлече – прашува Ѓорѓевски.


МПЦ со дециден став

Владиката Тимотеј, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, вчера истакна дека не би сакал да коментира дневнополитички случувања, како и интервју дадено за српски медиум.
– Нашиот народ е единствен и не им припаѓа на друга црква и држава. Нашата црква не може да се споредува со таа во Украина – кратко изјави г. Тимотеј.
МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.